Димитров: Западен Балкан е всушност „остров опкружен со ЕУ земји-членки“

 

Никола Димитров, денес во Брисел во рамките на неговата работна посета, имаше работна средба со амбасадорите на земјите-членки при Европската Унија (КОРЕПЕР), во организација на финското претседавање со Европската Унија.

Во излагањето, МНР Димитров потсети на севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен план, така и на планот на унапредување на добрососедските односи. Апелираше земјите членки да ја донесат одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври, врз основа на конкретните резултати и постигнувања. Ваквата заслужена одлука ќе го зајакне влијанието и кредибилитетот на Европската Унија во земјата, но и пошироко во Регионот и ќе служи како поттик за понатамошна демократска трансформација на нашето општество. По неговото обраќање следеше отворена и конструктивна дискусија со присутните амбасадори, при која МНР Димитров уште еднаш укажа дека и покрај одредени предизвици и несовршености, земјата покажа зрелост, одговорност и силна политичка волја за реални промени и напредок, истакнувајќи дека: „Македонската приказна е можност за заеднички успех со ЕУ.“

По состанокот со амбасадорите, МНР Димитров имаше излагање на настан организиран од страна на German Marshall Fund во Брисел, насловен „Од Преспа до Брисел: Патот на Северна Македонија кон европската и евро-атлантската интеграција“ на кој се осврна на значењето на решавањето на повеќедеценискиот спор со Грција, за чекорите кои довеле до постигнувањето на историскиот Преспански договор, кој ја отклучи вратата и потенцијалот за соработка на повеќе полиња од заемен интерес во насока на придобивки на сегашните и идните генерации, како и за европската и евро-атлантската перспектива на нашата земја.

Во тој контекст, Министерот се осврна и на изгледите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО во светло на охрабрувачкото темпо на ратификации на Пристапниот протокол од страна на земјите членки на Алијансата. Воедно, особено ја истакна потребата давање на зелено светло од страна на ЕУ членките за продолжување на евро-интегративниот пат, потенцирајќи дека таквата одлука би била вистински сигнал за прогресивните и проевропски сили, како и за  целиот регион, во смисла на тоа дека европската перспектива е реална и достижна и вреди за истата да се вложи енергија и политички капитал при решавање на тешки отворени прашања.

Димитров нагласи дека Западен Балкан е всушност „остров опкружен со ЕУ земји-членки“ и дека отворањето на можноста за фер натпревар меѓу кандидатите базиран врз индивидуални заслуги и кредибилен скрининг особено во клучните области, всушност еден ден ќе доведе до комплетирање, наместо до проширување на Европската Унија.

За време на двата дена работен престој во Брисел, министерот Димитров, покрај претходно наведените активности, реализираше и средби со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и со шефот на Кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Пјотр Серафин, како и повеќе разговори со претставници на дипломатскиот кор, на ЕУ институции и НАТО Генералниот секретаријат, како и на политичката, медиумска и бизнис заедница во Белгија,  за време на приемот организиран од страна на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Брисел по повод 8 Септември. Веднаш по комплетирање на работната посета на Брисел, попладнево МНР Димитров ја продолжува европската турнеја со работна посета на Берлин.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.09.2019 - 15:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега