Димитров: За отворањето на границите нема политика, клучен критериум е епидемиолошката слика

Прашањето за отворање или затворање на границите нема политика, клучен критериум е епидемиолошката слика. Клучен критериум за ЕУ е блиску до или под 20 нови КОВИД-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100 илјади жители, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Клучното во ова се, посочи Димитров, е дека колку повеќе се придржуваме до мерките – носење маска и држење дистанца, толку ќе биде подобра епидемиолошката слика и толку побрзо ќе ни бидат отворени сите граници.

Прашан дали ќе преземеме реципроцитетни мерки со отворање или затворање на границите, Димитров, рече дека министерот за здравство Венко Филипче и кризниот штаб на Владата дневно ја следат состојбата во сите земји и врз основа на препораките од епидемиолозите ќе ги носат и одлуките.

– Пред мене е препораката на ЕУ за граници и слобода на патување на државјани на земји не-членки. Клучен критериум за ЕУ е блиску до или под 20 нови КОВИД-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100 илјади жители. Тоа е клучниот критериум во однос на препораките на ЕУ. Некои земји-членки овие препораки целосно ги применуваат, некои имаат и свои дополнителни услови, изјави Димитров.

Ова се однесува на несуштински патувања, посочи Димитров, додавајќи дека од тоа се исклучени здравствени работници, погранични и сезонски работници, персонал за транспорт, државни делегации, дипломати, воен персонал, патници во транзите и лица кои патуваат поради неодложни фамилијарни причини, како и високо квалификувани работници потребни на односните земји.

– Ќе бидеме во блиски консултации со сите земји од интерес. Пред два дена имав средба со стопанската комора и бев прашан од доста луѓе кои имаат потреба за бизнис состанок во Грција. Ќе го отвориме тој разговор и ќе видиме дали ќе биде возможно, со некои посебни здравствени протоколи, на определени категории луѓе да им е овозможи патување преку границата, изјави Димитров.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.07.2020 - 14:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега