Димитров за апсењето на Боки 13: Ќе не биде и точка

Триесетдневен притвор за Бојан Јовановски и Зоран Милевски, како осомничени за изнудување пари, одземен мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева се дел од она што се случуваше вчера откако Боки 13 беше приведен на Граница. 

За неговото апсење се огласи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

- Никој не рече дека ќе биде лесно

Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: “Ти кажав, не бива од нас држава”. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа. 
Дека ќе не’ биде и покрај се' и заради се'. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе не’ биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите. Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе не’ биде народе, тогаш кога секој во своето, ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не не’ биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од било кој друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега.

Ќе не’ биде и точка!, напиша тој на Фејсбук.

За потсетување, по собрани вербални и материјални докази, Обвинителството вчера отвори истрага во која осомничените ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за  „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од лице против кое се водело истрага.  На осомничениот од кого ги изнудиле парите му ветиле дека преку обвинител со кого имаат пријателски врски т.е. влијание ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.07.2019 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега