Димитров: Срамен обид и од дома, ама и од ЕУ, да се замачкаат очите на македонските граѓани

Поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, преку фејсбук статус оценува дека новото пакување на францускиот предлог е истиот, според него, непоправлив дебакл од претходно, со кој, смета тој, можеби, ќе ги отвориме преговорите со ЕУ ако го смениме Уставот, ама никогаш нема да ги завршиме.

„Дури ни во пакувањето на ‘измените’ не се потрудиле многу. Прво, ако во претходното пакување, преговорите ќе се отвореа по измените на Уставот, сега отворањето ќе почне веднаш, штом се потпише протоколот, ама пак условено, оти пишува дека преговорите ќе се до-отворат по внесувањето на Бугарите во Уставот. Значи нашиот почеток е на две рати. Две рати само за да почнеме. А, вистински почеток секако нема додека не се направат уставните измени, бидејќи преговарачката рамка ќе се презентира дури тогаш“, објави Димитров.

Тој обвинува за измама.

„Ако во претходното пакување историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваа во пристапниот процес преку ‘билатералните протоколи’ по член 12 од Договорот за пријателство, сега, историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваат преку ‘годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот’. Се работи за апсолутно истите документи, само називот е сменет – сега не се протоколи туку прегледи и мерки, но црно на бело стои член 12 со што НЕМА дилема на што се однесува. Тоа е членот каде се вели дека македонско-бугарската меѓувладина комисија еднаш годишно ќе се состанува, ќе врши преглед на направеното и примена на мерки, донесувајќи документ што досега го викавме протокол“, пишува Димитров.

Димитров вели дека денеска објавениот француски предлог е еден срамен обид и од дома, и од ЕУ, можеби на сугестија од дома, да се замачкаат очите на македонските граѓани нарекувајќи ги со друг назив истите обврски што мора да се преземат и што сега стануваат обврски спрема ЕУ и за што ќе известува европската комисија.

„Ама замислете, дури и ова не било доволно, па вториот протокол, овој што треба да го потпишат денес утре или задутре Османи и Генчовска, што го содржи договорот по точките 4+1, тој си останува и со истиот назив – протокол. Овде не сме успеале ни називот да го смениме. И прегледот и мерките наведени во овој протокол, заедно со историските прашања, ќе бидат апсолутно дел од пристапниот процес. Значи да нема никаква дилема, бугарските барања за историјата и за многу други теми, целосно си остануваат во рамката и стануваат европски барања, како што си беа и во претходното пакување. Нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби. И токму затоа, одговорно тврдам дека овој пат е слепа улица, што никогаш нема да не’ донесе до посакуваното членство. Тоа е пат кон вечна агонија и измачување. Преседан што ќе го осетат на своја кожа и други земји кандидати по нас. Околу македонскиот јазик, и во ова пакување како и во претходното, ЕУ ќе констатира дека Бугарија ќе си достави (или сега си доставила) своја позиција за НАШИОТ јазик. Софија преамбулата ќе ја чита со Бугарите и сите други, но ќе го прескокнува делот со македонскиот народ“, вели тој.

Димитров оценува дека деновиве живееме едни од најцрните денови во македонската историја по независноста. Тој смета дека Софија си ги бетонирала бугарските услови преку Собранието, додека ние, како што вели, се препелкавме во калта со владини лаги. Тој смета дека владиниот тим не добил никакви подобрувања на предлогот, а смета дека е и лага оти историските прашања не биле во рамката. Според него, Владата мора да сноси политичка одговорност за овој, како што го нарекува тој, срам.

 

01.07.2022 - 21:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа