Димитров: Политичкиот фокус на ЕУ на регионот не треба да биде маргинален

 

На покана на Кристиан  Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес, во Софија, учествуваше на Конференцијата на Комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите – членки на Европската унија и на земјите – кандидати, која се одржува во рамките на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров беше поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“, соопшти Министерството за Надворешни работи.

Оттаму наведуваат дека во своето излагање, Димитров се заблагодари на бугарското претседателство за широкоградата поддршка и насочувањето на светлото кон Регионот. Воедно, тој ги претстави историските исчекори кои Република Македонија ги презема во контекст на затворање на отворените прашања со своите соседи, како и последните преземања на планот на домашни реформи, што се сериозна потврда за еден процес на созревање на земјата.

Притоа, министерот Димитров истакна: “Ова е Регион кој географски не е на маргините на ЕУ, туку остров опкружен со земји членки на ЕУ. Самото тоа е доволен аргумент дека политичкиот фокус на ЕУ кон Регионот, исто така не треба да биде маргинален...И ваквото внимание ние немаме луксуз да не го сфатиме сериозно”. 

Во рамки на учеството на Конференцијата, министерот Димитров оствари и неколку билатерални средби и куси разговори со парламентарци од повеќе земји членки на ЕУ, како и со својот домаќин Кристиан Вигенин и МНР Екатерина Захариева, која се обрати на истата сесија заедно со Министерот. Поконкретно, Министерот засебни средби оствари со француската парламентарка и претседателка на Комисијата за европски прашања на Националната асамблеја на Франција, г-ѓа Сабин Тилеј, со холандската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за европски прашања во холандскиот претставнички дом, г-дин Малик Азмани, а имаше и работен ручек со членови од германската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, г-дин Гунтер Крихбаум, како и разговори со г-ѓа Лилијана Танги, се вели во соопштението.

За време на средбите, МНР Димитров информираше за постигнатиот историски исчекор во контекст на односите со Грција и за претстојните чекори и предизвици на тој план и замоли за поддршка од европските партнери за отворање на европскиот пат за Република Македонија, кој е од суштинско значење во претстојниот период во однос на натамошна имплементација на договорот со Грција. Позитивната одлука на ЕУ ќе биде истовремено и целосно заслужена валоризација на реформските резултати на домашен план. Од соговорниците беа упатени честитки за покажаното водство, искрена политичка волја и храброст во постигнувањето на заемно прифатливо решение меѓу Република Македонија и Грција. 

 

 

 

 

18.06.2018 - 16:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа