Димитров на работен ручек со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска присуствуваше на работен ручек со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, што го организираше бугарскиот амбасадор во Македонија Иван Великов Петков, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ.

Димитров изрази благодарност до амбасадорот Петков и за бугарската заложба за приближување на Западен Балкан кон ЕУ за време на нивното претседателство. Ја истакна заложбата до крајот на Бугарското претседавање со Советот на ЕУ, во јуни 2018 година, Советот да ја донесе политичката одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија за членство во Унијата, соопшти МНР.

Димитров брифираше за конкретните реформски активности, пред се во приоритетните сфери: правосудство, добро владеење, јавна администрација и следење на комуникациите, како и за борбата против корупцијата, организираниот криминал и анти-тероризмот, добрососедските односи и подобрувањето на политичкиот дијалог во Собранието на РМ.

Осврнувајќи се на содржината на Стратегијата за проширувањето на Јункер, истакна дека таа ги исполнува македонските очекувања - отвора рамка за сите земји од Западен Балкан и за прв пат се предвидува ориентациона временска рамка за членство.

- Очекуваме претстојниот Извештај на ЕК да го нотира значителниот и видлив напредок постигнат од Владата на РМ на планот на домашните реформи, рече Димитров.

Додаде дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија претставува јасна можност за обновување на обврските од страна на Западен Балкан и ЕУ и очекуваме да биде реален индикатор за тоа колку земјите-членки на ЕУ се подготвени да се посветат на пристапниот процес на земјите од регионот.

- Сакаме сите држави од соседството да се движат во вистинскиот правец на ЕУ интегрирање. Многу важни лекции од историјата научивме, а тоа е дека единствената одржлива стратегија за нашиот регион да биде стабилен и просперитетен, е онаа европската, посочи шефот на дипломатијата.

Истакна дека Македонија ги уважува напорите на бугарското претседавање со Советот на ЕУ во надминувањето на актуелните предизвици со кои се соочува Унијата, кои имаат и одредено влијание и врз земјите од регионот. 

 

 

 

14.03.2018 - 17:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа