Димитров: На политиката на проширување на ЕУ и треба добар мотор како оние на BMW

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Минхен го започна своето учество на Минхенската безбедносна конференција со обраќање на панел дискусијата „Градење општествена издржливост во европското соседство”. Заедно со останатите панелисти - Маргаритис Схинас, потпретседател на ЕК задолжен за портфолиото Промоција на европскиот начин на живот, премиерот на Косово Албин Курти и Александра Томаниќ, Извршната директорка на Европскиот фонд за Балкан, дискутираа за најзначајните аспекти од европските политики и нивното (не)присуство во земјите од Западниот Балкан.

Министерот Димитров во своето излагање се осврна на потребата од инклузивност на „европската политика на издржливост” во регионот кој е несомнено дел од Европа и кој за своето европеизирање во сите сегменти, со акцент на владеење на правото, борбата против корупцијата економската конвергенција, оправдано очекува поголема инволвираност на ЕУ политиките. Заслужената позитивна одлука за почеток на пристапни преговори ќе биде валидација за досегашните напори на Македонија, но и истовремено потврда за кредибилноста на Унијата.

 „Не постои друг начин Европа да ја задржи својата лидерска улога во регионот и да биде партнер на кого му се верува, освен преку интегрирањето на земјите кои не само што се веќе географски и културолошки дел од неа, туку и курсот на своето политичко дејствување го усмеруваат кон европскиот модел.” рече Димитров.

Министерот Димитров се осврна и на новиот документ од Европската комисија и некои од предностите кои таа методологија ги носи за земјите на патот кон своето евроинтегрирање, истовремено потенцирајќи ја политичката волја на земјите-членки како еден од клучните елементи за заедничка успешна европска приказна.

„Механизмот за реверзибилност на процесот не треба да ги плаши граѓаните, напротив, тие треба да се чувствуваат посигурно во однос на својата европска иднина знаејќи дека политичките предводници на процесот немаат повеќе простор за грешки. Гласно ќе бидат прозвани оние кои го уназадуваат општеството, но и ќе се даде признание на оние кои вложиле во европското реформирање на земјата”рече тој.

МНР Димитров ќе биде дел и од тркалезната маса насловена „Координирање, соработка, консолидирање? Придвижување на З. Балкан напред“ која се одржува денес попладне, а на маргините на Конференцијата ќе оствари билатерални средби со Јоханес Хан, еврокомесар за буџет и администрација, со грчкиот МНР Никос Дендиас, како и со МНР на Малта, Бартоло Еварист.

Првиот ден од учеството на Минхенската безбедносна конференција се заокружува со работна вечера организирана од претседателот на Светскиот економски форум - Борге Бренде, каде почесен гостин ќе биде американскиот државен секретар Мајк Помпео.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.02.2020 - 15:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега