Опозициската СДСМ денеска поднесе кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за директно уривање на Уставот и законите. Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ на прес-конференција истакна дека Мицкоски ги претворил обвинителството и судството во алатка за политичка одмазда.

Според СДСМ, премиерот јавно таргетира луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија, што претставува скандал од невидени размери.

„Христијан Мицкоски повеќе не се крие – тој е обвинител и судија кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата и неистомислениците. Неговото ‘имам чувство’ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста“, изјави Димитријевиќ.

Кривичната пријава опфаќа три дела: злоупотреба на службената положба, повреда на рамноправноста на граѓаните и загрозување на сигурноста. Од опозициската партија бараат Јавното обвинителство веднаш да го повика Мицкоски на распит.

Exit mobile version