Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, по синоќешниот реизбор за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, преку социјалните мрежи порача дека довербата е клучниот фактор за секој успех. Таа упати благодарност до партискиот лидер Христијан Мицкоски за можноста повторно да биде дел од највисокото раководство на партијата.
„Чест ми е што ќе продолжам со сиот свој труд, знаење и кредибилитет да придонесувам кон заедничката цел – а тоа е Македонија да биде подобро место за живеење за секој граѓанин, во секоја смисла. Тоа е она за што деноноќно работиме и во што неприкосновено веруваме! Ова е време на силни и мудри одлуки, на цврсти чекори за уште поголеми победи!“, напиша министерката.
Димитриеска-Кочоска додава дека патот на кој се наоѓаат е единствениот од кој нема да се откажат, со цел остварување на зацртаните победи и подобар стандард за граѓаните.

