Лица биле ангажирани на Детската клиника во Скопје без претходно да биде обезбедена соодветна законска согласност за нивното работно ангажирање, изјави денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

На прес-конференцијата во Владата, таа откри дека официјалното барање од менаџментот на Детската клиника пристигнало дури на 22 јануари, со што се отвора прашањето како тие лица работеле во претходниот период.

Министерката јавно праша врз кој основ вработените биле повикувани на работа во првите 22 дена од почетокот на годината во оваа јавна здравствена установа во Скопје.

– Требало да има обезбедено согласност пред Нова година за да може да ги задржи вработените. Што значи дека повторно се враќаме на она прашање – како директорот ги ангажирал и ги повикувал да дојдат на работа, кога законски не смеел? Понатаму, ние имаме рокови во коишто одговараме. Но, фактот дека тие луѓе не смеел да ги повикува на работа – останува, затоа што 22 јануари е дваесет и два дена по Нова година – одговори министерката на новинарско прашање.

Во однос на претходните кадровски решенија и новите вработувања, Димитриеска-Кочоска упати порака до медиумите дополнително да ги истражат архивските податоци на клиниката.

-Побарајте му податоци да ви даде од архивите за да видите во април 2025 година колку нови согласности добил и што се случило на 22 април, односно колку согласности за на неопределено добил, во исто време, треба да се праша исто, директорот, кого тогаш вработил – кои 38 лица се вработени, а кои луѓе останале, да кажеме, без постојано вработување? – додаде Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата.

Exit mobile version