Американскиот музички продуцент и рапер Шон „Диди“ Комбс е осуден на 50 месеци затвор поради подведување, објави NBC News. Со оглед на времето што го поминал во притвор пред изрекувањето на пресудата, тој ќе издржи околу три години затвор, а неговото ослободување е предвидено за 8 мај 2028 година, според податоците на федералните власти во САД.
Комбс беше прогласен за виновен по две точки од обвинението за подведување, но ослободен од обвиненијата за рекетирање и трговија со луѓе. Обвинителството бараше 11 години затвор, но судот го зема предвид фактот дека ова е прва кривична пресуда за музичарот.
Во писмо до судот пред изрекувањето на пресудата, Комбс изрази каење, наведувајќи дека „искрено жали за болката и страдањето“ што ги предизвикал. „Се изгубив во дрога и луксуз. Мојот пад произлегува од сопствената себичност“, напиша тој.
Судијата Арџун Субраманијан покрај затворската казна му изрече и парична казна од 500.000 долари, како и петгодишна условна казна по излегувањето од затвор. Во тој период, Комбс ќе мора редовно да се јавува во полиција, да посетува програми за одвикнување од дрога и алкохол, советување за ментално здравје и обука за сторители на семејно насилство.
Тој, исто така, ќе биде подложен на редовно тестирање за дрога, а неговиот надзорен службеник ќе има право во секое време да го претресува неговиот дом, автомобил или електронски уреди доколку постои сомнеж за прекршување на условите.

