Дичев: Спорот околу македонскиот јазик е смешен

Бугарскиот професор Ивајло Дичев во интервју за Дојче веле ја коментира новата драма во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија по ставот на Бугарската академија на науките.

-Тоа е една од симболичните војни кои сакаме да ги водиме затоа што немаме сериозна политика. Јазичната норма е условеност поврзана со појавата на националните држави. Во еден момент нашата држава избрала една јазична норма, ние ја почитуваме и ја нарекуваме наш јазик. Пред тоа имало најразлични дијалекти. Нормата е секогаш нешто што политички обединува одреден народ и одредена држава кога таа сака да се етаблира. Северна Македонија ја избра својата јазична норма. Оттука натаму тој спор дали денешниот македонски јазик е развиен од бугарскиот јазик е малку смешен.

Тоа е академски спор, кој треба да го водат лингвисти- како се развил јазикот, од кога постои, какви се дијалектите. Несериозно е ние да имаме претензии кон соседната држава. Тоа е како Италијанците да им кажат на Французите дека францускиот јазик потекнува од латинскиот и затоа им припаѓа ним. Сите јазици започнале од некаде.

Не разбирам зошто толку се драматизира оваа тема. Најважното нешто за кое треба да настојува нашата држава е нашите медиуми да можат да емитуваат слободно, како и обратното. Тоа зближување на народите, на културите неминовно ќе доведе и до ширење на нашето јазично пространство. На Балканот, но не само тука, го сфаќаме јазикот не како средство за разбирање на другиот, туку и како средство за менување на граници. Видете што направија Србите, Хрватите, Босанците и Црногорците- разделија еден јазик кој всушност сите го разбираа.

Јазикот треба да биде средство за разбирање на другиот, а не за отфрлање. Нашата и нивната академија на науки се во таа ситуација на поделба на територии и менување граници. Тоа, според мене, е фатално - вели Дичев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.12.2019 - 21:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега