Детектор анкета: Над 40% од граѓаните имаат земено кредит – 45% не можат да го поминат месецот без да се задолжат

Над 40% од граѓаните имаат земено кредит покажува најновата анкета која по нарачка на Детектор ја подготви Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 40,6% од граѓаните имаат земено кредит, додека 56,9% не им должат на банките. 45,3% од анкетираните велат дека не можат да го поминат месецот без да се задолжат, додека 51,7% живеат без задолжувања.

Најголем дел од граѓаните кои имаат земено кредит или 56,8% користат потрошувачки кредити. 25,2% се корисници на станбени, 9,1% на автомобилски кредити а 7% ги користат услугите на т.н. „брз кеш“ кредити.

Една третина од граѓаните или 33,5% велат дека најголема веројатност има следниот кредит кој ќе го земат да биде станбен. 23,9% мислат дека тоа би бил потрошувачки кредит, додека 8,9 автомобилски. Само 1,8% од граѓаните велат дека најголема е веројатноста следното задолжување да биде преку т.н. „брз кеш“ кредит. 52,3% од анкетираните сметаат дека во Македонија лесно се зема кредит, додека 22,2% го тврдат спротивното.

42% од граѓаните велат дека денеска условите за земање на кредит се полесни отколку во минатото. 18,7% велат дека се исти а 15,3% сегашните услови ги сметаат за потешки од оние во минатото.

Според граѓаните, одлучувачко при земањето кредит се каматните стапки. Близу две третини од анкетираните или 63,8% велат дека кога прават избор од каде ќе го земат кредитот се водат според висината на каматните стапки, додека 11,9% изборот го прават според тоа каде полесно кредитот ќе им биде одобрен.

40,8% од анкетираните сметаат дека државата не креира поволни услови за младите да можат да подигнуваат станбени кредити, додека 35,7% сметаат дека младите имаат поволни услови.

46% сметаат дека порано младите биле поподготвени за да подигнат станбен кредит и да се одделат од родителите додека 35,2% се на став дека младите денеска се поподготвени за д влезат во станбен кредит.

Граѓаните се поделени околу ставот за тоа дали државата дава поволни услови за кредитирање на бизниси отворени од млади лица. 36,7% се на став дека има поволни услови, додека 37,6% дека нема.

Најголем дел од граѓаните велат дека немаат доволно пари за да си ги задоволат месечните потреби. Анкетата на Детектор покажува дека 59,3% од граѓаните не можат да си ги задоволат месечните потреби со платата која ја земаат, додека 32,9% велат дека го немаат тој проблем.

Интересно е што покрај граѓаните кои имаат најниски примања, најголем процент на граѓани кои не можат да си ги задоволат месечните потреби со платата се оние кои земаат над 60.000 денари месечно.

Па така, 70,2% од оние кои имаат месечен приход под 20.000 денари не можат да си ги задоволат месечните потреби со платата. Дека не можат да ги задоволат своите месечни потреби тврдат и 63,4% од оние кои земаат плата над 60.000 денари, за разлика од 49,6% од оние чии приходи се меѓу 40.000 и 60.000 денари и 53,2% од оние кои месечно имаат приход меѓу 20.000 – 40.000

денари.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје преку телефонска анкета во периодот од 28 до 31 јануари оваа година врз репрезентативен примерок од 1083 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.02.2020 - 17:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега