Десетици загинати во поплавите во Индија и Бангладеш

 

Најмалку 59 луѓе загинаа во лизгање на земјиштето и удари од гром за време на силните монсунски бури во Бангладеш и Индија, а милиони луѓе се блокирани, додека работниците на итната помош се борат да стигнат до најсиромашните, пренесуваат агенциите.

Метеоролозите предупредуваат дека во следните неколку дена се очекува влошување на временските услови и поголеми поплави, а официјални лица од владата на Бангладеш оваа ситуација ја опишуваат како најлоша во таа земја од 2004 година, пренесува Би-би-си.

Континуираните дождови во текот на изминатата недела поплавија огромни делови од североисточниот дел на Бангладеш, а ситуацијата е влошена од истекувањето на дождовницата од планините во соседна Индија.

Училиштата се претворени во импровизирани засолништа, а воени трупи се распоредени да ги евакуираат домаќинствата отсечени од соседните заедници поради зголеменото ниво на водата и поплавите.

Во државата Асам во соседна Индија, повеќе од 1,8 милиони луѓе беа погодени од поплавите по петдневни непрестајни дождови.

20.06.2022 - 10:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега