Електронскиот надзор сè почесто се применува како алтернатива на издржувањето затворска казна во македонскиот правосуден систем. Во моментов, вкупно десет осуденици во земјава ја издржуваат својата казна во домашни услови со примена на електронска алка.
Од Управата за извршување на санкциите информираат дека веќе започнало и спроведувањето на десеттата судска одлука со која се применува овој специфичен систем за надзор.
Официјалните податоци покажуваат дека досега се донесени четири пресуди за куќен затвор, од кои една е од Основниот суд Велес, а три од Основниот суд Прилеп.
Дополнително, во други три градови во земјава се донесени шест решенија за замена на затворската казна со куќен затвор. Овие одлуки се донесени од страна на основните судови во Струга, Охрид и Кичево.
Сите осуденици кои ја издржуваат казната на овој начин не смеат да ги напуштат своите домови, а нивното движење постојано се следи преку електронска опрема во Одделението за електронски надзор.
Надлежните посочуваат дека системот е во примена од крајот на минатата година и секое евентуално прекршување на правилата веднаш се евидентира во базата.
„Во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и определените ограничувања, пробациските службеници ќе го известат судот согласно Законот за пробација“, наведуваат од Управата.
Локалните пробациски канцеларии се во постојана координација со останатите институции, додека дежурните екипи непрекинато, 24 часа дневно, го следат извршувањето на мерките.
Од Управата за извршување на санкциите истакнуваат дека остануваат посветени на понатамошниот развој и унапредување на пробацискиот систем во државата.


