Депозитите на штедачите од Еуростандард се исплаќаат, од четирите банки очекуваат таа да се одвива тековно и без застои

Обесштетувањето на лицата кои имаат депозити до 30 илјади евра во Еуростандард банка кое почна од денеска во банките се одвива тековно и без застои. Нема поголеми гужви од вообичаеното.

Исплатата, како што информираат за МИА од банките преку кои се врши обесштетувањето на штедачите, се врши тековно и брзо, има мало задржување кај оние кај кои е потребно да се отвори сметка.

Обесштетувањето се врши преку Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка АД Скопје и Халкбанк.

Почна од денеска, а од банките очекуваат и во наредниот период да се одвива тековно и без пролеми.

Депонентите имаат на располагање 36 месеци за да го остварат правото на обесштетуввање.

Обесштетувањето на осиурениот износ на депонентите на Еуростандард банка се врши до законски утврденииот  максимален износ од 1.850.889 денари. Во Комерцијална банка се обесштетуваат депонентите чие презиме почнува на буквите А, Б, В, Г и Д, преку НЛБ Банка оние чии презимиња почнуваат на буквите Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ, на депонентите на кои им почнува презимето на М, Н, Њ, О, П и Р се исплаќаат во експозитурите на Стопанска банка АД Скопје на целата територија и депоненетите со презимиња на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш во експозитурите на„Халкбанк” АД.

И депонентите самостојни вршители на дејност со личен доход кои биле регистрирани како трговци поединци, или адвокати, извршители, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називот. Покрај документ за идентификација (лична карта, пасош) потребно е да се приложи и доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).

Потврдите за сопственост на депозит им се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот доаѓа во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише потврдата на шалтер во банката исплатувач каде е распределен за подигнување на средствата. Банките – исплатувачи вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во потврдата, со приложување важечки документи за идентификација.

Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во „Еуростандард банка” АД Скопје ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.

Во случај на спреченост депонентот лично да го оствари своето право на обесштетување, банките – исплатувачи можат да вршат исплата на средствата и на лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар. Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување на депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето.

Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август годинава. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.

Во случај депонентот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, банката-исплатувач независно од износот на обесштетување, нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на којашто ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.

По истекот на овој временски период (3 години), депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките – исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој ќе обезбеди обесштетување независно од тоа кога депонентот ќе достави барање за остварување на своето право на обесштетување.

Народната банка ја затвори Еуростанадард банка на 12 август годинава поради неисполнување на минимални законски услови за работење. Треба да бидат обесштетени депозити во износ од околу 4,4 милијарди денари.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.09.2020 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега