Стабилното, сончево и исклучително топло време во Македонија веќе од утре ќе претрпи нагла и бурна промена.
Синоптичарите најавуваат бран на сериозна нестабилност проследен со поројни врнежи од дожд, кои ќе бидат особено пообилни во вторник и среда.
На одредени места во државата се очекува да наврнат и над 15 литри на квадратен метар воден талог за кратко време.
Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследено со пороен дожд, силни електрични празнења и засилен северен ветер.
Граѓаните се предупредуваат на будност и претпазливост поради реалните услови за појава на град во повеќе котлини низ земјава.
Денешниот ден сепак ќе остане сончев, со максимални температури кои на југот и во Скопје ќе се искачат до високи 36 степени.
- „Од понеделник следува период на променливо облачно и нестабилно време со врнежи од дожд, пообилни во вторник и среда (наместа над 15 l/m²). Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследено со пороен дожд, засилен ветер и грмежи и услови за појава на град. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец“, соопштија од УХМР.


