Православните верници денеска го одбележуваат Навечерието на Богојавление, во народот познато како Водокрст или Водопост. Овој ден е посветен на строг пост и духовна подготовка за утрешниот голем празник Водици.
Во храмовите денеска се извршува Голем водосвет, по кој верниците се поросуваат со осветената вода и пијат од неа. Според црковното предание, никој не треба да го пропушти овој чин, бидејќи преку благодатта на празникот се осветува целата природа.
Традицијата налага со оваа вода да се попрскаат домовите за здравје и среќа. Се верува дека осветената вода од денешниот и утрешниот ден има силна моќ: здравите да ги укрепи, болните да ги исцели и да ги одврати сите лоши влијанија од домот. Оваа вода се чува во домовите преку целата година.

