Под мотото „Обликување на иднина во мир“, во Лусака, Замбија, утре и задутре ќе се одржи глобална конференција по повод 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите. Овој ден, воспоставен во 1993 година по препорака на УНЕСКО, има за цел да ја промовира заштитата на медиумските слободи и да им оддаде почит на работниците кои ги загубија животите при вршење на својата работа.

УНЕСКО алармира дека слободата на медиумите бележи најголем пад од 2012 година наваму. Организацијата предупредува на сериозни закани за информацискиот екосистем.

„Манипулацијата со информации, вклучително и употребата на вештачката интелигенција од страна на злонамерни актери, ја ослабува довербата и националната безбедност. Истовремено, независните медиуми се соочуваат со се поголема економска кревкост. Самоцензурата порасна за повеќе од 60 отсто, поттикната од страв од одмазда, онлајн вознемирување, судско заплашување и економски притисок“, наведуваат од УНЕСКО.

Европската Унија исто така упати порака дека новинарите мора да бидат заштитени во секој момент. ЕУ предупредува дека 2025 година била најсмртоносна за медиумските работници на глобално ниво.

„Владите мора да воспостават цврста правна рамка за да ги заштитат новинарите од злоупотреба на судските постапки. Ограничувањето на мрежите на странски дописници денес само остава поголем простор за ширење опасни и непроверени информации“, се додава во соопштението на ЕУ.

Во Македонија, овој ден веќе четврта година по ред беше одбележан со традиционална крводарителска акција во организација на ССНМ и ЗНМ.

Exit mobile version