Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) денеска со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Овој ден е посветен на најпознатиот меѓу учениците на светите браќа Кирил и Методиј, кој воедно е и првиот македонски архиепископ.

Свети Климент останува запаметен во историјата како творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, која се смета за прв словенски универзитет. Неговата педагошка дејност резултирала со оспособување на над 3.500 ученици за црковна богослужба, што го прави најзначајниот македонски средновековен писател и педагог.

Неговиот пат започнал во Велика Моравија, каде што дваесетина години им помагал на Кирил и Методиј во Моравската мисија. По смртта на Методиј и прогонот на неговите ученици, Климент, заедно со Наум и Ангелариј, во 886 година пристигнал во тогашна Бугарија, а подоцна бил испратен во Охрид, каде ја развил својата просветителска мисија.

Покрај учителската дејност, Свети Климент бил плоден писател и преведувач. Нему му се припишуваат „Панонските легенди“ – опширните житија на Кирил и Методиј, како и бројни поуки и пофални слова за христијанските празници.

Иако починал на 27 јули (9 август по нов стил), Светата црква главниот празник го поместила на денот на неговиот именден – 8 декември, кога се слави споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски.

Денешниот ден е и именден за сите што го носат името Климент, Климе, Климентина и нивните деривати.

Exit mobile version