Православните верници го чествуваат споменот на Свети Наум Охридски, кој бил ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработувале со овие словенски Апостоли. Свети Наум во текот на својот живот патувал и во Рим, каде што се прославил со својата чудотворна моќ и голема ученост.

Тој важел за голем просветител кој знаел многу јазици, објави 4news.mk. По враќањето од Рим, со помош на царот Борис Михаил, тие се населиле на бреговите на Охридското Езеро за да ја продолжат својата дејност.

Додека Свети Климент дејствувал како епископ во Охрид, дотогаш Свети Наум го основал познатиот манастир на јужниот брег на езерото.

Овој манастир и денес го краси брегот, како што и името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство, служејќи низ вековите како извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните.

Историските записи покажуваат дека околу Свети Наум уште тогаш се насобрало мноштво монаси кои пристигнувале од сите страни на Балканот.

Тој останал запаметен како мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовен водач.

Паралелно со духовната работа, Свети Наум неуморно се трудел и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик.

Светителот вршел чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, а особено од лудило, пред да се упокои во првата половина на 10 век.

Exit mobile version