Деловен форум: Северна Македонија и Србија да достигнат размена од една милијарда долари

Србија е нашиот најголем економски партнер на Балканот, но потенцијалот за соработка се уште не е искористен. Како што беше речено денеска, на деловниот форум во Скопје, максималното ниво на размена меѓу двете земји било евиднетирано во 2008 година кога се реализирале вкупно 1,5 милијарди долари. Интенцијата е оваа бројка повторно да биде достигната.

Иновациите и новите технологии се само еден сегмент во кој бизнис соработката може да се продлабочи.

-Северна Македонија е еден од нашите најзначајни партнери, но се уште ни одблиску не се искористени потенцијалите на многу полиња, посебно на економски план. Предноста е во компатбилноста на нашите економии, истакна српската амбасадорка Душанка Дивјак – Томиќ, додавајќи дека регионот е се уште оптоварен со физички и ментални бариери кои мора да се отстранат зарадни негов развој и просперитет, но и заради забрзување на евроинтеграцискиот процес.

Според потпретсдеателот на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева Јовевска, 57 проценти од размената на земјава во Западен Балкан отпаѓа на Србија.

-Постои голем потенцијал за продлабочување на соработката особено во делот на иновациите, новите технологии, улсугите и полесен пристап на македонски и српски компании на трети пазар со цел да се постигне нивото на размената од 2008 година кога беа реализирани 1,5 милијарди долари што е идентично на обемот на вкупната размена што нашата земја ја има со сите држави од регионот заедно, нагласи Георгиева Јовевска.

На форумот беа поздравени иницијативите за отстранување на сите трговски бариери меѓу Србија, Албанија и нашата земја, како и воспоставувањето интергирано гранично управување на преминот Табановце – Прешево.

Србија е четврти наш најголем партнер во вкупната трговска размена по Германија, Велика Британија и Грција. Една од причините за тоа е добрата инфраструктурна поврзаност.

Минатата година трговската размена меѓу двете земји била 889 милиони долари и забележала раст од 11 отсто. Извозот бил 277 милиони со исто така 11 проценти раст, а увозот 611,8 милиони долари што е зголемување од 10,5 отсто. Во првите шест месеци годинава, пак, размената е 600 милиони долари.

-Размената од година во година расте. Северна Македонија е на осмо место во однос на вкупниот извоз што го реализира Србија, а увозот од Северна Македонија е на 25-тото место и зазема еден отсто од вкупниот увоз на Србија. Во првите осум месеци оваа година, трендот на раст продолжува и изнесува околу шест милиони евра што е околу седум отсто зголемување, рече Младен Чориќ од Стопанската комора на Србија.

Според него, македонски инвеститори вложиле 42 милиона евра во Србија во фармацевтската, металната и електричната индустрија, додека српските инвестиции во Северна Македонија досега се 80 милиони евра.

– Ова е уште една потврда дека постои голема можност за соработка, посебно во металниот, хемискиот и земјоделскиот сектор, подвлече Чориќ.

Најзначајни производи во размената се проводници, железо, челик, електрична енергија, пченица и масло во износ од околу 432 милиона евра. Србија од Северна Македонија увезува најмногу лекови, лимови, домати и млечни прозводи.

На бизнис форумот „Со соработка до побрз развој” присуствуваа стопанственици од двете земји.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.10.2019 - 15:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега