Изминаа првите 100 дена во кој градоначалникот на Прилеп Дејан Продановски ги превзема обврските за менаџирање на општината. Разговараме со градоначалникот Проданоски, за сработеното во првите три месеци, како и за предизвиците и за плановите што ги носи 2026 година.
Месецов изминаа првите 100 дена од граданачалничкиот мандат. Кои беа вашите први одлуки како градоначалник и на што прво се фокусиравте во Општината?
Финансиска консолидација, организациска и институционална стабилизација на локалната власт беше првиот фокус со цел подобрување на комуналните услуги, јавната хигиена, како и ефикасна и достапна општинска администрација. Акцентот беше ставен на поквалитетно образование, поддршка на културата и директна, искрена комуникација со граѓаните. Овој тримесечен период беше исполнет со предизвици, но и со конкретни резултати и нови почетоци, кои ја покажуваат нашата посветеност кон подобрување на секојдневието во градот. Минатите три месеци, го реорганизиравме работењето на локалната самоуправа, ја подигнавме чистотата и уредување на градот преку заедничка еко-акција во која се вклучија голем број граѓани. Ова ми дава поттик и мотив дека заедно можеме повеќе. Како што ветив, вратата на Општината е отворена за граѓаните, со јасна цел Прилеп да стане функционален, уреден и достоинствен град за живеење.
Го подобривме локалниот патен и комунален систем, вложувавме во уредување на јавни простори, уредување на коритото на градската река, реконструкција на спортски игралишта и започнавме со проекти кои се од интерес на граѓаните во насока на подобрување на секојдневното функционирање на градот. Бев и останав меѓу прилепчани, имам средби со жителите, во маалата, на настаните, во населените места затоа што сакам да чујам кои се предизвиците, но и предлозите за поубав Прилеп. „100 дена за Прилеп“ можеби не беа совршени во реализацијата на сите активности, но беше период на работа, стабилизација и поставување цврсти темели за почеток на развој на Општина Прилеп. Продолжуваме понатаму – со истата енергија, со истата посветеност и со верба дека Прилеп заслужува повеќе, а ние можеме и ќе го оствариме тоа.
Прилеп има капацитет и сила за успешност и сметам дека градот конечно треба да се врати на пиедесталот на најуспешни и најквалитетни градови за живеење во Република Македонија.
Што може да очекуваат прилепчани годинава? Кои се приоритетите и предизвиците за Општина Прилеп да биде поубаво место за живеење?
Оваа 2026 година донесе нов предизвик, бидејќи, би била и прва година од мојот мандат. Најпрво сме насочени кон транспарентна и отворена општина – општина за сите. Во таа насока започнавме уште од стартот на мандатот со јавни консултации за креирање на Буџетот за 2026 година, со цел граѓаните да предложат приоритетни проекти и да придонесат кон правилна распределба на буџетските средства. Проектот Е-Општина почна со релизација и повеќето од услугите веќе се дигитално достапни. Со тоа го направивме побрзо и поефикасно опслужувањете на граѓаните, но се уште ни останува во фокусот да го зголемиме бројот на дигитални услуги со цел да ја подобриме поврзаноста меѓу граѓаните и локалната власт, односно, да се олесни пристапот до јавните услуги, да се зголеми транспарентноста и да се поттикне поголема ефикасност во работењето и намалување на редиците и гужвите пред јавните институции.
Донесовме и одлука за кадровска промена и реструктурирање на јавните институции со цел продолжување на професионалниот пристап во јавните институции, јакнење на стручноста, стабилно и транспарентно работење и градење поголема доверба кај граѓаните.
Важен капитален проект е изградбата на кружниот тек во населбата Табана. Веќе се започнати градежните активности. Проектното решение предвидува кружен тек со две коловозни ленти, како и изградба на пешачка и велосипедска патека, со што добиваме современо и безбедно сообраќајно решение. Вкупната вредност на овој капитален проект е 138 милиони денари, од кои 126 се финансирани преку првиот јавен повик на Владата, а 12 милиони кофинансирање од Општина Прилеп и ова претставува еден од најголемите проекти што ги доби Општина Прилеп. Со неговата реализација ќе се зголеми проточноста на сообраќајот на една од главните градски артерии што води кон центарот на градот. Со поволни временски услови, проектот ќе биде завршен до крајот на јуни 2026 година.

Со колкав буџет располага Општина Прилеп и што прави општината за развој на локалната економија, бидејќи, како што велат прилепчани, „тука тешко се добива дозвола за градба“?
Прилеп го има најмалиот општински буџет од поголемите општини во регионот. Со, би рекол скромен буџет, тешко е да се планираат сите потреби на граѓаните. Но, мора да истакнам дека оваа година, со подобра реорганизација и со средствата кои ги добиваме како општина од Владата, успеавме да проектираме поголем буџет споредбено со минатата година. Вкупниот буџет на Општина Прилеп за 2026 година изнесува 2.472.428.114 денари, што во споредба со буџетот за 2025 година претставува зголемување од 411.061.175 денари, насочени кон подобар квалитет на живот и конкретни проекти за граѓаните.
Затоа ги зголемуваме средствата за поддршка на културата, спортот и физичката култура, за кои оваа година издвојуваме 24.985.000 денари. Значително го зголемивме и финансирањето на основното и средното образование – 1.037.410.043 денари, социјалната заштита на деца и стари лица – 216.268.597 денари, градската библиотека – 14.097.711 денари и противпожарната заштита – 65.137.000 денари.
Го предвидовме и тоа дека со реализацијата на капиталните расходи, во локалниот бизнис сектор ќе се вратат приближно 12 милиони евра, што ќе даде силен импулс за развој на локалната економија.
Креирањето на општинскиот буџет за 2026 година паралелно се потпира и на буџетот на централната власт. Обезбедени се 11 милиони евра за Прилеп за инфраструктурни проекти, преку јавните повици од Владата, што претставува можност за создавање современ и урбан град, поквалитетен инфраструктурен развој и подобрување на јавните услуги.
Во фокус ќе ни биде да извлечеме што повеќе средства од фондовите кза финансирање на опшиински проекти, а се во надлежност на министерствата.
Сериозен акцент во 2026 година ставаме и на невладиниот сектор, кој со својата работа може значително да придонесе кон подобрување на квалитетот на животот на прилепчани.
На самиот старт од мојот мандат направивме сериозна реконструкција и рекомпозиција на основниот буџет со кој располага Општина Прилеп, за негово директно зголемување. Планираното зголемување на приходната страна на буџетот ќе се врши токму од она што го имаме на располагање како општина, како на пример репроценката на имотот. Тоа можеби индиректно удри по џебот на граѓаните, меѓутоа вредноста на имотите се зголемува, бидејќи не може еден имот проценет во 90-тите години да остане на иста проценка и денес. Пазарните услови се сменети. Со ова, како општина добиваме додадена вредност.
Во последните осум години, можам да кажам дека на прсти се бројат издадените градежни дозволи. Имавме проблеми со развојот на економијата затоа што ГУП-от не беше усогласен со деталните урбанистички планови за да може легално да се почне со издавање градежни дозволи, без застои и проблеми. Започнавме процес на измена на текстуалниот дел на Генералниот урбанистички план, кој е основен документ за понатамошниот развој на градот. Изработката на целосно нов ГУП за голема општина трае најмалку 24 до 36 месеци, а стопанствениците немаат повеќе време за чекање. Овие измени не се косат со законите и ќе важат до донесување на новиот ГУП, за кој се надевам дека ќе успееме да го изработиме до крајот на мандатот.
Во 2026 година мора да воведеме ред. Немаме повеќе време проблемите само да се таложат – мора сериозно да се фатиме во костец со нив.
Како Општината ги поддржува младите да останат? Кои се планови за подобро образование, спорт, културно – забавен живот?
Младите се двигатели на нашата иднина. Општината во оваа 2026 година ќе продолжи и понатаму со поттикнување на младите да се едуцираат и да делуваат во Прилеп. Продолжуваме со стипендии и награди за најталентирани ученици, студенти, награди за ученици кои учествувале на државни и меѓународни натпревари со цел да ги поттикнеме да продолжат со својата едукација. Продолжуваме и во насока на поддршка на младински форуми и акции, логистичка и финансиска поддршка со цел вклучување на младите во јавни дебати, форуми и консултации, во креирање на политики за млади, со поддршка на граѓанските организации чиј приоритет се младите. Оваа година издвоивме 12.000.000 денари за поддршка на спортски клубови, 500.000 денари за стипендии за млади талентирани спортисти, 10.985.000 денари за културни манифестации и 3.000.000 денари за реконструкција на спортски игралишта. Во 2026 година го планираме отворањето и на Младински центар и проширување на програмите за неформално образование за поквалитетна вклученост на младите во проектни иницијативи, како и побогат културно-забавен живот на младата популација во Општина Прилеп, со овозможување на користење јавен простор за организирање на музички настапи, театарски, поетски манифестации, работилници, изложби, концерти, филмски проекции, спортски активности и манифестации.
За младите музички локални таленти неодамна ја отворивме музичката соба како простор за вежбање. Организиравме низа убави новогодишни настани на отворено, музички концерти и забава за најмладите за време на новогодишните и божиќните празници, дадовме поддршка на ликовните и поетските случувања во Прилеп. Го возообновивме дувачкиот оркестар, кој не беше во функција повеќе од една деценија, по иницијатива на млади музички академци. Оркестарот ќе настапи за прв пат на карневалот „Прочка 2026“, традиционална карневалска уникатна манифестација која оваа година привлекува и меѓународни учесници, а Прилеп се стреми да се врати на мапата на меѓународните карневалски градови. Во оваа прилика ве поканувам да го постите Прилеп на 21 и 22 февруари и да бидете дела од карневалот „Прочка 2026„
Се разбира, создававме простор и за поквалитетно образование, со подобрување на условите во училиштата. За мотивирање и поттикнување на младите да останат и креираат во Прилеп имавме заедничка иницијатива со Економскиот факултет Прилеп, чија цел беше поврзување на младите со локалните бизниси. Ние како локална самоуправа оваа година ќе се обидеме да бидеме мост меѓу академската заедница, бизнис секторот и младите образовани кадри, за да им овозможиме на младите да останат во градот и своите знаења да ги применуваат во локалните бизниси, а бизнис заедницата да биде поангажирана во прифаќање и вклучување на младите.
Како се справувате со предизвиците поврзани со загадувањето и одржливиот развој?
Општина Прилеп спроведе неколку акции за чистење на диви депонии, чистење на градската река, организиравме еко-акција за чистење на локалните излетнички места и центарот на градот, под слоганот “Екомисија – твој потпис за природата“. Во еко-акцијата за почист Прилеп учествуваа над 1.000 наши сограѓани, заедно со претставници од многу институции, јавни претпријатија и општествено одговорни компании, во кои се вклучија и младите од средните и основните училишта. Исчистивме повеќе од 20 локации во околината на градот, собравме отпад околу институциите, а младите помогнаа во фарбање на дрворедите во градот. Со механизација го исчистивме и големото речно корито на Градската река, каде беа извадени повеќе од 300 кубни метри насип.
Во насока на почиста, поздрава и поодржлива животна средина, неодамна добивме грант од 50.000 американски долари од Третиот повик на Фондот за техничка документација, со кој ќе изработиме комплетна техничка документација, од урбанистички проект до основни проекти и стручна ревизија, за две нови, современи инфраструктурни инсталации: Компостара за третман на биоразградлив отпад и Инсталација за преработка на градежен шут.
Но, она што е најважно е тоа што интензивно работиме на создавање на современа депонија со средства добиени од европски фондови и грантови.
Од Регионалната програма за цврст отпад, финансирана преку Европската банка за реконструкција и развој и Швајцарската агенција за развој, а преку Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Прилеп, веќе ни се испорачани 5.000 канти од 120 литри, во жолта и зелена боја, за селекција на отпад и мешан комунален отпад. ж
Од суштинско значење за Општина Прилеп и за ЈКП „Комуналец“ е добивањето на 9-те нови специјални возила за транспорт на отпад, кои според динамиката на испорака за Пелагонискиот и Југозападниот регион, Локалната самоуправа – Прилеп, би требало да ги добие до месец јуни оваа година.