Даниловски: Се плашам дека славите ќе донесат нови епидемиолошки ризици

Граѓаните во пресрет на славите, да ги почитуваат мерките за заштита, за да не скокне повторно бројката на заразени од коронавирусот, апелираше епидемиологот Драган Даниловски во емисија на ТВ 24.

– Се плашам дека тоа што следуваат славите ќе донесе нови ризици. Апелирам тие чествувања да бидат со високо ниво на свест – рече Даниловски  и потсети дека и црковните власти повикаа во црква да се влегува со маска.

Даниловски смета дека народот кај нас во просек исто како и во други земји има менталитет со отсуство на емпатија, сочувство и совест.

– Менталитетот е тој што е, постои отсуство на совест. Во изминатиот период, и покрај мерките на сила имавме впечаток дека нивната контрола не се изведува адекватно. Сведоци сме на полни кафулиња, дружби, собири, журки. Тоа е нешто што не може да се смени во свеста на граѓаните. Оваа пандемија ги исфрли на површина сите недостатоци – рече Даниловски.

Според него, не смее да се дозволи пренатрупување на болничките капацитети за да не се компромитира квалитетот на здравствената грижа на ковид пациентите, а државата има обврска во услови на пандемија да обезбеди услуги и за пациенти кои се заболени и од други услови и под исти услови во државното и приватното здравство.

– Она што е најбитно за ова е што стагнира бројот на хоспитализираните. Тоа значи дека нема закана од претрупуање на здравствениот систем. Но, тоа треба да се види. Позитивно е тоа дека од 22 ноември опаѓа бројот на заразени и на хоспитализирани. 846 умрени на 1 милиони жители е денешната бројка, но тој просек ќе се одржува сигурно до крајот на декември. Се прашуваме дали можеме нешто дополнително да сториме за тој број да се намали, и на позитивни, и на починати. Со ваков просек на хоспитализирани и позитивни прашање на време е кога тоа ќе се претрупа –  рече Даниловски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.12.2020 - 21:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа