Дали Ковачевски на состанок барал од пратениците потпис за уставните измени – Митева тврди дека во партијата е тензично

 

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека премиерот, Димитар Ковачевски и генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ не можеле да ја контролираат пратеничката група за гласањето за уставните измени.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева изјави дека по изнесените информации за пратеници од мнозинството кои не се согласуваат со уставните измени, Ковачевски свикал групна координација со пратениците на која тој сакал да ги убеди дека ова е единствениот начин СДСМ да опстане уште некој месец на власт и дека само така ќе може да ги убеди албанските партии да дадат максимална поддршка за опстанок на владата.

Ова се дискутирало на средбата пред неколку дена во централниот штаб на СДСМ која имала тензичен и непријатен карактер, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

На состанокот, како што тврди Митева, Ковачевски потенцирал дека доколку излезат во јавноста пратеници од СДС кои се против уставните измени тоа може да ги натера албанските коалициони партнери да ја прифатат идејата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори оваа година.

„Оттука, дали е точно дека тој побарал од пратениците да излезат со заеднички став и документ кој ќе биде потпишан од секој од нив поединечно дека безусловно ќе гласаат за уставните измени и влез на Бугарите во Уставот како и да се формулирани тие. Исто така, документот имале во план да го објават вчера со што би ги демантирале нашите изјави, но тоа не се случило поради изричното несогласување на веќе споменатите пратеници“, вели Митева.

Според опозициската партија, Ковачевски залудно се труди со притисоци да го промени мислењето на сите оние кои се против ваквите уставни измени затоа што дури и во самата негова партија нема доверба за спроведување на ваков процес.

 

25.03.2023 - 12:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега