На 9 март 2026 година, во 15:50 часот, во СВР Битола 80-годишна битолчанка пријавила дека била измамена од непознато лице, кое преку телефон ѝ соопштило дека нејзината ќерка била повредена во сообраќајна несреќа и дека за итна операција е потребно да се плати.
Според пријавеното, оштетената по телефонски договор предала вкупно 150.000 денари, 150 евра, 1.300 австралиски долари, како и златен накит на лице што ја чекало зад зградата во која живее. Подоцна, таа сфатила дека станува збор за измама.
Надлежните служби на СВР Битола веднаш започнале со преземање мерки за расчистување на настанот и идентификување на сторителот. Полицијата апелира до граѓаните да бидат внимателни и да не предаваат пари или вредни предмети по телефонски повици, особено кога се користат лажни информации за семејни членови, и да пријавуваат секоја сомнителна активност.


