Образованието на мајчин јазик не е само човеково право, туку суштински елемент за зачувување на идентитетот и персоналниот развој. Ова е главната порака што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја испрати денеска по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.
Во својата честитка до припадниците на турската заедница, таа потсети на долгата традиција на негување на турскиот збор во Македонија, која датира од самото ослободување на Скопје.
„Почитувани припадници на турската заедница, почитувани наставници. Имам особена чест, во име на сите граѓани и во лично име, најсрдечно да ви го честитам 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. На македонската држава, јазичниот императив ѝ беше јасен уште пред 81 година, кога ја воспостави наставата на турски јазик во тукушто ослободеното Скопје. Од тогаш до денес, континуирано и ревносно се негува турскиот збор, збогатувајќи го македонскиот мултикултурен идентитет“, пишува претседателката.
Таа упати и посебна благодарност до просветните работници кои со децении го пренесуваат знаењето.
„Посакувам да продолжиме да бидеме пример за заедништво во различноста и да се гордееме со нашата заедничка татковина! Честит нека ни е 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. 21 Aralık Türkçe Eğitim Bayramınız kutlu olsun“, стои во честитката.

