Д-р Кунгуловски прогнозира кога делта сојот ќе го достигне пикот во Македонија

Делта сојот на SARS-CoV-2 веќе доведува до нови бранови во Европа. Во Македонија, врвот најверојатно ќе го достигне на средина на септември, прогнозира д-р Горан Кунгуловски, шеф на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во приватната клиника „Жан Митрев“.

Тој на својот профил на Фејсбук објаснува како се шири делта сојот за кој вели дека е позаразен од изворниот сој.

„Потребно е пократко време од контакт до PCR позитивен резултат при инфекција со делта сојот. Ако со изворниот сој просекот бил 5,7 денови, со делта сојот е 3,7 денови. И тоа со делта, околу 12,5% стануваат позитивни после 2 дена, 27% после трие дена, 20% после 4 дена, 24% после 5 дена и останатите после 6 или 7 денови.

Кај заразени со делта сој се детектира просечно околу 1.000 пати повисока концентрација на вирус отколку со изворниот сој.

Што ова значи за периодов?

1. Бидејќи времето од контакт со PCR позитивитет е намалено и бидејќи концентрацијата на вирус е повисока, ќе треба АГРЕСИВНО следење на контакти и изолација на заразените и нивните контакти. Исто така, одговорност и на населението коешто нема решенија, ама има сознанија за контакт со позитивен или за појава на симптоми.

2. Бидејќи концентрацијата на вирус е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на рапид антигенските тестови. Значи 70-80% од PCR позитивните би се детектирале и на рапид антигенски. Ова ќе овозможи побрзо тестирање и скрининг на населението.

Што значи ова за вакцините?

1. Вакцините сѐ уште си ја вршат својата работа. Во зависност од вакцината, ризикот за зараза е 10-20 пати намален во споредба со невакциниран (непрележан). Значи луѓето сѐ уште може да се заразат, посебно тие што се во постојан контакт со заразен, ама веројатноста е драматично намалена. Вакцинираните покрај тоа што имаат помала веројатност да се заразат, доколку се заразат имаат помала шанса да заразат некој друг.

2. Вакцините сѐ уште си ја вршат својата работа. Во зависност од вакцината, ризикот за сериозни симптоми и смртен исход е десетици, можеби и стотици пати намален во споредба со невакциниран (непрележан). Пример, ако кај невакцинирано население би имало 20 смртни исходи, кај вакцинирано би имало 1“, објаснува д-р Кунгуловски.

Тој препорачува неопходно, приоритетно вакцинирање на постарото население и населението со коморбидитети.

„Така ќе се намали бројката на сериозно болни и бројката на смртни исходи. Со понатамошна вакцинација и евентуално трета доза, ќе може да се намали и ланецот на трансмисија. Така ќе се сузбие пандемијата. Нема друг начин, само вакцини, редовно тестирање и одговорност“, нагласува д-р Кунгуловски.

05.08.2021 - 16:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега