На територијата на државата заклучно со 18 часот регистрирани се вкупно 14 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според најновиот извештај, еден пожар е сѐ уште активен, четири се ставени под контрола, а девет се целосно изгаснати.
Единствениот активен пожар е во Стопански Двор, во општина Ѓорче Петров, каде што гори сува трева и грмушки.
Пожарникарите успеаја да стават под контрола четири пожари на неколку локации низ земјава.
Под контрола се пожарите во општина Кавадарци, кај селата Раец, Ќесендре и Дреново каде гореше нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Под контрола е и пожарот во општина Крива Паланка, кај селото Мождивњак на местото викано Острец, каде што беше зафатена шума.
Исто така, под контрола се ставени и пожарите во општина Тетово кај ресторанот „Сирач“, каде гореше сува трева, како и во општина Желино, кај селото Горна Лешница, каде беше запалено ѓубре.
Од ЦУК информираат дека целосно се изгаснати девет пожари. Во општина Чучер Сандево изгаснати се пожарите кај Глуво, село Мирковци и село Кучевишка Бара, сите на сува трева и грмушки.
Во Скопје изгаснати се пожарите во општина Карпош на улица „Скупи“ кај сервисот „Агромеханика“, како и во општина Гази Баба на Скопско Поле каде гореше дрво покрај пругата.
Пожарните екипи целосно ги ликвидираа и пожарите во Битола кај Тумбе Кафе, во Прилеп на улица „Дебарска“ кај местото Теќе, во Струга кај селото Лабуништа и во општина Теарце кај селата Шемшово и Сиричино.


