Екстремниот топлотен бран кој деновиве ја зафати Франција однесе најмалку седум човечки животи. Портпаролката на француската влада, Мод Брегет, потврди дека има „седум смртни случаи директно или индиректно поврзани“ со високите температури, нагласувајќи дека во бројката се вклучени најмалку пет давења и смртни случаи за време на спортски натпревари.

Таа воедно потсети дека „сето ова треба детално да се разјасни откако ќе заврши сегашниот топлотен бран“. Канцеларијата на портпаролката соопшти дека две лица се удавиле во департманот Жиронд, а по едно во Марна, Сена и Марна, како и во Мена и Лоара.

Повеќето од жртвите настрадале во водите со кои барале спас од жештините. Во неделата, силни струи во Жиронд однеле Германка на возраст во нејзините 50-ти години и маж во 60-тите години. Црната серија ги погоди и младите – 17-годишник се удави во саботата во реката Сена, друг негов врсник настрада во понеделникот во Марна, додека 15-годишен тинејџер се удави во регионот Мен-е-Лоара.

Властите веќе апелираат на максимална претпазливост и препорачуваат граѓаните да пливаат исклучиво на места каде што има соодветен надзор. Во меѓувреме, низ земјата се пријавени уште неколку давења кои дополнително треба официјално да бидат потврдени.

Покрај давењата, екстремните температури беа кобни и за лица кои практикувале физичка активност. Две жени починаа за време на спортски настани во Лион и Париз.

Во Лион, 28-годишна девојка почина како последица на хипертермија по учество во интензивната фитнес трка „Хирокс“. Во Париз, пак, 53-годишна тркачка колабираше и почина за време на традиционалната трка „Пиринејски“ во 20-от арондисман.

„Постојат знаци што треба да нè предупредат кога спортуваме во екстремна топлина, како што се прегревање или силни главоболки, бидејќи дехидрацијата може да се случи многу брзо“, предупреди министерката за спорт Марина Ферари, додавајќи дека не е исклучена можноста за откажување на одредени настани на отворено.

Владата најави дека будно ја следи состојбата на теренот. „Соочени со екстремна топлина, ќе ги прилагодиме мерките според еволуцијата на ситуацијата“, изјави Мод Брежон, која дополни дека локалните оддели веќе соработуваат со општините за да ги обезбедат или одложат масовните собири на отворено каде има ризик за граѓаните.

Exit mobile version