Ципрас: Неотпочнувањето на интегративниот процес на Западен Балкан брутално му штети на кредибилитетот на ЕУ

За Договорот од Преспа, за тоа што ќе се случеше ако не беше постигнато решението, за европската перспектива на регионот, односно, како што рече за хипокризијата на европскиот политички систем, и неотпочнувањето на интегративниот процес за Западен Балкан, нешто што „брутално му штети на кредибилитетот на Европската Унија“, но и за хипокризијата  на грчкиот политички систем, говореше лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на доделувањето на „Наградата за мир и соработка на балканските народи“ за најдобра дипломатска работа, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за награда која Ципрас ја најави во октомври, соопштувајќи дека паричните средства што ги доби заедно со наградите за Договорот од Преспа ќе ги донира за академската заедница, поконкретно ќе се доделува награда за најдобар дипломски труд.

На почетокот на обраќањето на церемонијата, лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер се осврна на денешниот ден, рече дека за него е особено важен, со оглед на тоа дека пред точно четири години, на 17 јуни 2018 година беше потпишан Договорот од Преспа.

-Сакам да ви кажам дека чувствувам голема гордост за овој ден. Чувствувам голема гордост бидејќи, многумина ми велат: овој потпис те чинеше втор владин мандат, следен владин мандат и велам дека ако е така, тогаш навистина вредеше, бидејќи клучното за секој човек кој ја презема судбината на неговата земја, не е одново да биде избран, туку да го направи она што е правилно за земјата, истакна Ципрас.

Лидерот на СИРИЗА посочи дека беше тешко постигнувањето на договорот, „можеби потешко за соседите бидејќи мораа да го сменат уставното име“, но и договор тежок и за грчкиот политички систем.

Говореше за, како што рече, хипокризијата во грчкиот, но и во европскиот политички систем. За Грција се осврна на меморандумите што сè уште не се ратификувани во Парламентот и процесите доцнат веќе неколку години, додека, пак, за Европа порача дека неотпочнувањето на интегративниот процес на Западен Балкан  брутално му штети на кредибилитетот на Европската Унија.

-Да ја споменам и хипокризијата во европскиот политички систем каде што и покрај ветувањата на Европската Унија за почеток на интегративниот процес на Западен Балкан, ова не се постигна, не беше можно и мислам дека ова брутално им штети на кредибилитетот на Европската Унија и на нејзината надворешна политика. Надворешна политика која токму од оваа причина не е способна да игра силна улога во меѓународните случувања. Гледаме дека, за жал, ако некој е сигурно поразен од меѓународните случувања со војната во Украина и инвазијата на Русија, секако освен Украина, е Европската Унија, бидејќи инсистира на тактика на санкции кои повеќе ја погодуваат европската економија, отколку економијата на Путин, без да истакнува стратегија на дипломатско решенија, што ќе можеше, барем среднорочно да ги тргне работите од ќор-сокакот, порача Ципрас.

Истакна дека со Северна Македонија веќе постои нова перспектива на сите нивоа, во одбраната, економија, па дури и во црковното прашање.

Во говорот постави низа прашања околу тоа што ќе се случеше ако не беше постигнат Договорот.

-Ќе имавме Либија на нашата северна граница, со влијание на трети сили и на Русија и на Турција -јас сакам работите да ги кажуваме со нивното име- што се особено интензивни во овој регион, истакна Ципрас.

Говорејќи за наградата, што ќе се доделува на пет катедри во целата земја во следните шест години за најдобра дипломатска работа, лидерот на СИРИЗА рече дека „пораката на наградата за соработка е дека темелот за мирен соживот на народите во регионот е почитувањето на меѓународното право“.

Првата награда ја доби дипломската работа посветена на турско – либискиот договор.

17.06.2022 - 18:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа