Чулев: Од работењето на Спасовски во МВР, последиците ќе треба долго време да се санираат

 

Документите што ми беа презентирани по моето доаѓање покажуваа дека не само што не е направена професионализација на полицијата, туку во одредени сегменти од работењето на МВР е направена апсолутна партизација. Информациите што стигнуваат до мене укажуваат дека одредени структури во МВР и до денес добиваат задачи од Оливер Спасовски, дека заврши времето на партизација и доаѓа времето на професионализација на МВР, вели во интервјуто за МКД.мк техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

На прашање има ли решение за кризата со лични документи и пасошите, кои директно влијаат на овозможување на фер и демократски избори, тој вечи дека вината за хаосот во кој се наоѓа Министерството за внатрешни работи и нашата држава лежи во Оливер Спасовски и тој е виновен што до сега не е најдено издржано привремено решение за овој проблем.

-Во неколку наврати напоменав, сега пак ќе потенцирам дека три дена по моето доаѓање во Министерството за внатрешни работи бев информиран дека во оваа институција има сериозен проблем со недостаток на обрасци за лични документи. Да бидам искрен, оваа информација ме изненади затоа што со тоа беше доведена во прашање една од клучните функции на Министерството за внатрешни работи, а беше загрозено и одржувањето на претстојните парламентарни избори.

Сите информации, тогаш и сега говорат дека ова е проблем што свесно или несвесно е креиран од страна на Оливер Спасовски. Фактите што ги презентиравме во јавноста покажуваат дека Министерството за внатрешни работи не само што лошо ги планирало залихите на обрасци за патни исправи и останати лични документи, туку и подолго време не успеало да најде долгорочно решение за набавка на обрасци за патни исправи, како што барала Владата, односно постојано се наоѓале ад-хок решенија кои произлегувале од крајно дискутабилни и сомнителни тендерски постапки.

Од моето доаѓање во МВР, па сѐ до денес, секојдневно јас и колегите правиме лични и натчовечки напори за наоѓање решенија за овој проблем. Граѓаните веќе знаат дека во делот на обрасците за лични карти и возачки дозволи проблемот е надминат, додека за пасошите тој сѐ уште постои. Веќе неколку дена во МВР функционира комисија која ги разгледува барањата на граѓаните, а која претставува едно привремено решение на проблемот до пристигнување на нова пратка обрасци.

Во меѓувреме неколку пати разговарав со дополнителниот технички министер во МВР, но и со техничкиот премиер Оливер Спасовски, а дополнително испратив и информација до Владата со предлог заклучоци обидувајќи се да најдеме решение. За жал, Спасовски не само што го креираше овој проблем, туку тој ги кочи сите мои иницијативи и предлози за негово надминување- вели Чулев за „МКД.мк“.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.02.2020 - 14:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега