Чулев: Ќе се работи во продолжени смени, ќе се работи и во недела за да се реши проблемот со пасошите

Сакам да ја информирам домашната и меѓународната јавност дека техничкиот премиер Оливер Спасовски продолжува да го попречува функционирањето на техничката Влада, а со последните случувања во соработка со дел од стручните служби во Владата направи и кривично дело фалсификување на службена исправа и злоупотреба на службената положба и овластување.

Ова денеска од пред Основното јавно обвинителство го изјави министерот за вантрешни работи Наќе Чулев, посочувјаќи дека на седницата на Владата што се одржала во саботата на 15 февруари последна на гласање била ставена точката за поништување на пет решенија донесени од неговаа страна за распоредување на вработени во МВР.

– Со мнозинство гласови Владата во десет минути пред полноќ го усвои предлогот да се поништат пет решенија, за што постои записник/стенограм. Нејасно е како оваа одлука експресно во координација со дел од службата во Владата и со одобрување од Оливер Спасовски е објавена во Службен весник Бр.41 од 15.02.2020 година, каде покрај петте решенија чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и една наредба за извршување на работа и работни задачи. Овие решенија воопшто не биле предмет на разгледување на членовите на Владата, ниту е донесена одлука за нивно поништување, изјави Чулев.

Имајќи предвид дека ситуацијата налага итно преземање дејствија со цел да се спречи бришење, уништување или прикривање на докази, министерот Чулев го повика ОЈО веднаш да преземе дејствија за обезбедување на доказите и да спроведе истрага, во спротивно, потенцира, ќе биде директно одговорно за неказнетото фалсификување на одлуката на Влада.

Тој упати апел до вработените во Владата кои со одобрување на Оливер Спасовски веќе го прекршиле законот, како што рече, да се воздржат од дополнителни дејствија со кои ќе се обидат да ги уништат или менуваат доказите и ќе влијаат на понатамошно откривање на кривичните дела.

– Ја повикувам и Владата да се воздржи од идни активности во насока на мешање во ингеренциите и независноста на МВР  и директното влијание вез избирачкото право на граѓаните и изборниот процес, рече министерот.

Чулев најави дека за неколку недели ќе се нормализира состојбата со недостигот од обрасци за пасоши. Уште еднаш повтори дека се очекува пратката од 100 илјади обрасци од пасоши, што треба да пристигне на 24-ти март, но оти се прават напори тој рок да се скрати за десетина дена.

-Ние веќе имаме направено стратегија и план. Ќе се работи во продолжени смени, ќе се работи и во недела, така што мислам дека за краток период ќе биде надминат тој проблем со пасошите, изјави министерот Чулев кој денеска од пред Основното Јавно обвинителство.

На новинарско прашање за објавените информации од некои медиуми за негова оставка, Чулев нагласи дека дал детално соопштение на Фејсбук.

– Се работи за психолошки притисоци, за непринципиелни закани кои ги добивам и соопштението на „Либертас“ е тотална дезинформација, значи е лажна вест. За тоа ќе реагирам и до Советот за етика на медиумите и до ЗНМ. Во однос на последните преставки што ги доставив до ЗНМ и до Советот за етика, веќе има позитивно од страна на еден медиум за медијација и ние би нашле модел како истите да демантираат вест што претходно е објавена,  што е многу позитивна работа, истакна министерот Чулев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.02.2020 - 14:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега