Човекот што го сака мојот објект нека се јави да му го подарам, порача Алити, кој тврди дека се е легално

 Сопственикот на објектот што денеска се урива кај ТЦ Мавровка во изјава за медиумите тврди дека за објектот не е дивоградба и оти има елаборат и платени такси и комуналии над 4,7 милиони денари.

– Ништо од тоа што е пренесено од страна на медиумите не е точно. Јас сум сопственик на објектот што беше изгорен од пожарот и на легална градба запишана во Катастарот.  Не се точни информациите дека не сум бил достапен за полицијата. Можете слободно да ги прашате дека првиот ден кога дојдоа, јас бев тука и  им ги дадов документите за објектот.  На еден од порталите прочитав дека сум го исекол дрвото. Не сум го сторил тоа, имам видео запис  во кој се гледа како го сечат дрвото. Лани најдов проектил од рачен фрлач во објектот. Оваа година ми го запалија. Педесет дена не знам кои се причините. Истрагите завршуваат со непознати причини или непознат сторител. Човекот што го сака мојот објект нека се јави  да му го подарам, да не се мачиме вака, изјави сопственикот Мевлудин Алити.

За објектот што денеска се урива изминатиот период имаше дебати и полициска истрага. Откако општинските власти утврдија дека се работи за дивоградба, беше распишан тендер кој да го урива објектот, но никој не се јави. Со одлука на Владата денеска почна уривањето на објектот кое го врши ЈП за Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта под полициско присуство.

Алити вели дека ги избегнувал медиумите во изминатиот период бидејќи сметал дека неговиот приватен бизнис не е предмет на јавен интерес.

Неговиот адвокат вели дека нема кривично дело во случајот бидејќи се работи за објект којшто е легален.

– Согласно законот, објектот што целосно е уништен, сопственикот има право да го врати во поранешната состојба, да го обнови со проект за обнова кој е доставен до општина Чаир  и за кој немаме никаков одговор кое е нивното мислење. На 1.05.2020 година објектот што е во приватна сопственост на Мевлудин Алити беше изгорен целосно од непознати причини и ден денес очекуваме одговор и од полицијата и од Обвинителството кои се причините за пожарот. Од страна на сопстеникот на објектот беше побарано од Општина Чаир  дозвола да се исчисти објектот, односно отпадот и шутот. За тоа има одобрение од страна на Општина Чаир. Во меѓувреме е започната и подготовка на проектот за обнова којшто откако е завршен, е доставен до Општина Чаир, појаснува адвокатот на Алити.

Според него, решението што е донесено од општината дека објектот не соодвествува со фактичката состојба и немал сопственост, не е вистина.

– Имаме доказ, имотен лист кој може да се извади од Катастар каде е запишано правото на сопственост и тоа во неколку имотни листови. Има 333 метри квадратни од тоа 86 метри квадратни друг имотен лист, истакна адвокатот на Алити, додавајќи дека и не е потребно одобрение за градба во случај на обнова на објектот.

Според адвокатот на Алити, проектот за обнова чини 9,5 илјади евра.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.09.2020 - 13:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега