Министерот за здравство Азир Алиу објави дека уште три компании за производство на медицински канабис останаа без своите лиценци, со што вкупната бројка на затворени фирми се искачи на девет. Ова доаѓа по засилените контроли кај вкупно 43 лиценцирани субјекти, каде биле откриени шокантни неправилности.
Меѓу најсериозните пропусти се затекнати отворени и непечетирани залихи на сув цвет, несовпаѓање на количините во сеф-собите со она што е запишано во книгите, како и недостиг на документација за продажба и трансфер.
„Досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица. Истражуваме дали петте тони марихуана запленети во Србија се директно поврзани со магацините на домашните производители“, соопштија од Обвинителството (ЈОГОКК).
Министерот Алиу најави дека по завршување на инспекциите кај сите компании, ќе се предложи нов, драстично поригорозен закон кој ќе ги затвори сите дупки за злоупотреба.


