Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати празнична честитка до јавноста по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.
Во својата порака, собранискиот спикер ја нагласува нивната улога во поставувањето на темелите на писменоста и културниот развој.
„По повод 24 мај – Денот на Светите Кирил и Методиј, изразувам почит и благодарност кон двајцата просветители, кои со својата мисија ги поставија темелите на писменоста, образованието и духовниот и културниот развој на словенските народи. Наследството на Светите Кирил и Методиј останува трајна инспирација за зачувување на универзалните вредности на знаењето, дијалогот и почитувањето меѓу народите“, вели Гаши.
Тој додава дека овој значаен датум служи за потврда на државните заложби кон унапредување на културата и образованието.
„На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата посветеност кон образованието, културата и соработката, како вредности што градат демократски и напредни општества“, нагласува претседателот на Парламентот.
Гаши воедно информираше дека годинава празникот се одбележува во Рим, каде што тој се наоѓа на чело на државниот врв за традиционалната манифестација.
„Оваа година, Денот на Светите Кирил и Методиј го одбележуваме во Ватикан, каде што ја предводам државната делегација на Република Северна Македонија на традиционалниот настан во чест на Свети Кирил“, се заклучува во честитката.


