Позитивните сигнали за намалување на тензиите на Блискиот Исток продолжуваат да влијаат врз светскиот нафтен пазар, при што цените на суровата нафта бележат пад, а аналитичарите не ја исклучуваат можноста трендот да продолжи и во наредните месеци.

Британскиот „Гардијан“ наведува дека експертите од „Ситигруп“ прогнозираат оти цената на нафтата од типот „брент“ би можела да се намали на околу 60 долари за барел до крајот на годинава, што би било најниско ниво од јануари. Во меѓувреме, „брент“ веќе забележа значителен пад – од 126 долари за барел на крајот на април на околу 72 долари денес.

На лондонскиот пазар вчера попладне барелот се тргуваше за 78 центи поевтино во споредба со претходното затворање и достигна цена од 70,79 долари, додека на американскиот пазар цената се намали за 90 центи, на 67,68 долари за барел.

Според британските медиуми, дополнителен фактор што придонесува за стабилизирање на пазарот е обновувањето на товарењето на нафта на терминалот Рас Танура во Саудиска Арабија, откако САД и Иран воспоставија рамка за разговори со цел ставање крај на конфликтот.

Неименувани извори и поморски податоци покажуваат дека најмалку пет супертанкери со околу 10 милиони барели нафта на „Сауди арамко“ веќе испловиле од Рас Танура и го преминале Ормускиот Теснец кон Оманскиот Залив.

Во близина на овој терминал се наоѓаат уште четири танкери од класата VLCC, од кои три чекаат товарење, додека еден веќе е целосно натоварен.

Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави на 23 јуни привремено ги суспендираа санкциите за извоз на иранска нафта по првата рунда разговори за прекин на конфликтот.

Американското Министерство за финансии издаде 60-дневна дозвола која ќе биде во сила до 21 август и овозможува производство, транспорт, продажба и увоз на иранска нафта, што дополнително ги засили очекувањата за поголема понуда на светскиот пазар.

Exit mobile version