Раководството на СДСМ, заедно со членовите на Извршниот одбор, вчера вечерта поднесоа оставки на предлог на партискиот лидер Венко Филипче. Од партијата информираат дека оставки поднеле заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор.

Оставките се доставени до Централниот одбор и до претседателот на партијата.

„Со овој одговорен и морален чекор, раководството на СДСМ отвора простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување, зајакнување, вклучување на нови луѓе, организациско редизајнирање и внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, се наведува во соопштението.

На една од следните седници на Централниот одбор, Филипче ќе треба да предложи нови членови на партиските органи. Од СДСМ велат дека за функциите ќе бидат избрани „најкомпетентните личности“.

Ваквиот потег во СДСМ следи по лошите резултати кои партијата ги имаше на последните локални избори.

Промени се најавуваат и во ВМРО-ДПМНЕ по партискиот конгрес кој викендов ќе се одржи во Кавадарци. Премиерот Христијан Мицкоски очекува да добие нов четиригодишен претседателски мандат, кој најави дека ќе му биде последен на лидерската позиција. На Конгресот се очекува и ВМРО-ДПМНЕ да измени голем дел од партиските тела и раководството.

Конгрес во декември најави и ДУИ, кои исто така имаа незадоволителен резултат на локалните избори. И од Мала Речица се најавува освежување во партијата, без поголеми шанси за промена на лидерството.

Exit mobile version