Целиот политички врв му честиташе на Георгиевски- „Дејан, ти си нашиот олимписки херој“

 

Освоениот сребрен медал на таеквондистот Дејан Георгиевски на Летните олимписки игри во Токио на Фејсбук му го честиташе премиерот Зоран Заев кој напиша дека успехот е историски.

– Историски успех за младиот Дејан Георгиевски. Од сѐ срце им честитам на Дејан и на неговиот тим, коишто успешно се изборија за заслужениот медал. Нека овој успех биде поттик за сите, дека со љубов, истрајност и напорна работа, успесите се неминовни, напиша Заев на Фејсбук.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, на својот фејсбук-профил напиша дека Дејан Георгиевски е нашиот нов спортски амбасадор.

– Се враќа дома со сребрен медал. После 20 години еве нѐ пак на пиедесталот на олимписките игри. Нека ни е честито!, напиша шефот на дипломатијата.

Претходно и шефот на државата Стево Пендаровски го честиташе на Фејсбук успехот на 22-годишниот Георгиевски, кој попладнево освои сребрен медал на ЛОИ Токио 2020 откако по голема борба во финалето во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Ларин.

– Сребрениот вреден како злато. Дејан, ти си нашиот олимписки херој. Твојот успех е историски за Северна Македонија, напиша претседателот Пендаровски.

На својот фејсбук-профил успехот на македонскиот олимпиец му го честиташе и министерот за натрешни работи Оливер Спасовски, кој напиша дека со освоеното сребро Георгиевски и донел на државата голема радост и чест.

– Одличен настап кој ќе продолжи да ги инспирира генерациите во иднина да вложуваат во спортот, да целат кон највисоките врвови и да го обединуваат нашиот народ со бројни победи, напиша министерот Спасовски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека ова е историски резултат и дека заслужни за успехот на Георгиевски се и браќата Дарко и Борче Костовски кои, како што вели, „во Дејан гледаа и заеднички направија шампион“.

– Дејане, шампионе, донесе радост на Македонија. Вака се сака и брани црвено жолтата, со чест, со одлучност и достоинство. Денес таеквондо Бутел се радува, Македонија може да слави, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Дваесет и двегодишниот Дејан Георгиевски попладнево освои сребрен медал на ЛОИ Токио 2020 откако по голема борба во финалето во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Ларин.

27.07.2021 - 18:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега