Царовска: Со бојкот на наставата губат учениците

Бојкотот на наставата е неконструктивен начин на изразување незадоволство од пандемијата, вели министерката Царовска околу критиките и барањата за одржување настава со физичко присуство

Онлајн-наставата во 88 отсто од училиштата се одвива без пречки, тврди министерката за образование и наука Мила Царовска.

Одговарајќи на новинарски прашања при посета на училишта во Кочани, Царовска не прецизираше кога новата платформа ќе биде функционална во целост, но вели учениците и наставниците имаат пристап за двонасочна комуникација.

Околу барањата на родители од Македонска Каменица за одржување настава со физичко присуство, министерката порача дека мора да се следат препораките на Комисијата за заразни болести, а со бојкот на настава, вели, губат учениците.

„Бојкотот на наставата е само неконструктивен начин на изразување незадоволство од пандемијата. Тоа не е нешто што одлучуваме дали го сакаме или не го сакаме. Тоа е нешто со што мора да живееме, а со бојкотирање на наставата губат учениците. Наша обврска е да го штитиме здравјето на граѓаните, поради тоа што младите може да пренесат ковид-19. Ако така одлучила Комисијата за заразни болести, јас ги повикувам учениците и наставниците да се приклучат кон овој начин на настава“,порача Царовска при посета на училишта во Кочани.

Царовска најави дека можно е наставниците да се вратат дома и да држат онлајн часови, за во зимскиот период да не мора да се загрева цела училница.

„Нема потреба да расфрламе пари за загревање на цела училница за еден наставник и тие пари да може да се искористат во набавка на ИТ-уреди. Мислам дека тој модел ќе виде најдобар, но кога ќе ја донесеме одлуката ќе ја информираме јавноста“, рече Царовска

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.10.2020 - 11:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа