Царовска: Опозицијата да објасни зошто блокира раст на плати

 Економската и правната сигурност на наставниците е приоритет за Владата и за таа цел е подготвено законско решение со кое се гарантираат првата на наставниот кадар и стручните соработници, рече министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на кумановското основно училиште „Христијан Карпош“, каде во тек е реконструкција на објектот.

Министерката рече дека се посветени на три цели во образованието, инфраструктурно подобрување на училиштата во урбаните и руралните средини, за што од буџетот за оваа година се одвоени една милијарда денари за инвестиции, програмите – за кои додаде дека нужно треба да се променат за учениците да постигнат максимлани потенцијали, нови програми за прво и четврто одделение и унапредувањето на квалитетот на наставата преку унапредување на знаењата и вештините на наставниците и нивна поддршка во процесот на настава, за што наставниците се обучуваат, да се олесни бирократијата за да можат да се посветат на наставата.

Царовска изјави дека нивната економска и правна сигурност е значајна за Владата и заради тоа, потенцираше, е направен Закон за наставници кој е доставен до Собранието.

-Вчера бевме сведоци на неуспешно дискутирање на Комисијата за образование во Собранието каде што опозицијата го блокираше повторно овој закон којшто гарантира трансформација за повеќе од 4700 наставници, коишто во моментот немаат правна сигурност на нивното работно место. Исто така, во овој закон стои и клаузула во којашто правно се заштитува понатаму девалвирањето на платата на наставникот затоа што првпат се усогласува со минимална плата. Како минималната плата ќе расте, така ќе растат и платите на наставниците. Но, опозицијата како и досега што докажуваше дека не се грижи за наставниците, продолжува на истиот начин да ги блокира сите оние законски решенија кои се во интерес на граѓаните, но и сега специфично во интерес на наставниците, изјави Царовска.

Од Министерството за образование и наука потсетуваат дека законот ги уредува сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како што додаваат, досегашната практика да чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување, доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

Според МОН законското решение овозможува професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Првпат, информираат од МОН, законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото, истакнуваат од Министерството, имало реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.

Решението, нагласуваат од МОН, предвидува и исплата на целосна плата за неполн неделен фонд на часови на наставниците кои ќе реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум десет наставни часови во неделата, а предвидено е и покачување на платите на наставниците со секое зголемување на минималната плата.

– Наставниците и стручните соработници се најважната алка во реализацијата на воспитно-образовниот процес и затоа апелираме до членовите на Комисијата, кои поради партиски директиви ја опструираат работата на ова тело, само заради собирање ситни, дневнополитички поени, но и само поради тоа што токму тие не се предлагачи на овие позитивни промени, конечно да ги надминат партиските интереси и да ја започнат дискусијата за законското решение, како би дале придонес кон формулирање на неговата најдобра верзија, наведува МОН.

30.07.2021 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега