Царовска: Изграден спортско адреналински парк во Карпош, инвестиција од 55 милиони денари

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, заедно со раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини и градоначалникот Стефан Богоев, денес извршија увид на завршните активности за реализација на потпроектот „Спортско адреналински парк“ во општина Карпош, дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, финансисиран со средства од Владата на Република   Македонија, општина Карпош и Делегацијата на Европска Унија и во соработа со канцеларијата на Светска банка. 

 

По извршениот увид Вицепремиерката Царовска посочи дека за градот Скопје, но и за општина Карпош е значајно да има што повеќе рекреативни содржини и токму спортско адреналинскиот парк, изграден на локација која со години беше запуштена, сега нуди голем број на спортски и рекреативни содржини, за децата, за младите, но и за возрасните.

„Јас сум сигурна дека ние како Влада и досега, а и понатаму на истиот начин ќе ги поддржуваме локалните самоуправи затоа што на тој начин тие создаваат услови да нивните жители, на градот Скопје и на општината Карпош, можат да имаат соодветна понуда за рекреација, блиску до местото кадешто живеат.  Владата на Република Северна Македонија и општината Карпош, со помош од Европската Унија  и од Светската банка обезбедија повеќе од 55 милиони денари, за да се инвестираат на оваа локација и со тоа добиваме едно современо место за рекреативни спортови, но исто така и за адреналински спортови, што е значајно, затоа што во градот Скопје и во општина Карпош за првпат имаме можност да се даде ваква понуда на жителите на овој простор. Јас се надевам дека на истиот начин и понатаму ќе ги поддржуваме локалните самоуправи и дека тие ќе имаат што подобра понуда за своите жители“, потенцираше вицепремиерката Царовска.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, по посетата на паркот, изрази задоволство од сработеното и кажа дека реализацијата на овој проект на дело ја покажува соработката помеѓу Делегацијата на Европската Унија со централната и локалните власти во Република  Македонија.

„Не се занимаваме само со аспекти од законодавството, планови и работи коишто чинат многу пари, туку се справуваме и со реалното подобрување на животите на луѓето. Спортот, рекреацијата и адреналинот се дел од животот. Треба да го користиме паркот и да бидеме одговорни. Има повеќе симболики во оваа помош од Европската Унија, а една од нив е дека животите на луѓето значат и тоа значат толку многу што не мислиме само на работа и  образование туку и на задоволството на граѓаните, а спортот е најдобриот начин да се направи спој меѓу луѓето,  меѓу младите и старите. Ќе завршам со уште еден симболизам во врска со адреналинот. Мора да внесеме адреналин во нашата врска, преговорите ќе бидат отворени наскоро. Силна Северна Македонија за побрзо приклучување и станување на стабилна членка на Европската Унија“, изјави раководителот на Секторот за соработка во ДЕУ, Никола Бертолини.

Градоначалникот Богоев рече дека очекува наскоро да биде извршен технички прием на спортско-адреналинскиот парк на кејот на реката Вардар, по што паркот и официјално ќе биде пуштен во употреба.

„Покрај адреналинскиот дел, тука добиваме и нови игралишта за фудбал и одбојка на песок, скејт парк, детско игралиште, нов сквер, нова урбана опрема, клупи и корпи, како и дополнително зеленило, посадени околу 70 дрвја, тревни површини и системи за наводнување.  Извршени се обуки на сите они луѓе кои ќе работат во спортско-адреналинскиот парк, кои доминантно доаѓаат од Македонската спортска качувачка федерација и со ова се комплетира целата приказна околу отворањето на овој парк“, нагласи градоначалникот Богоев и посочи дека на овој парк се надоврзува и рекреативниот парк од 75 илјади метри квадратни, а кој општина Карпош го реализира заедно со градот Скопје.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.08.2020 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега