Царовска и Деспотовски ги презентираа иновативните ваучери – ФИТР воведува нова поддршка за компаниите и универзитетите

Фондот за иновации и технолошки развој презентираше нов инструмент за поддршка на домашните компании и високо образовните институции во развој на нови производи и услуги. Вкупниот износ на средства во јавниот повик изнесува 15 милиони денари, а ќе се доделуваат на факултетите и истражувачките центри, кои ќе остварат конкретна деловна соработка со домашните компании во истражување и развој.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната презентација нагласи дека преку овој инструмент големиот потенцијал и капацитет на образовните институции ќе може да се искористи во реалниот сектор.

“На овој начин високо-образовните институции ќе станат извор и на иновации и на знаење во реалниот сектор, а во истовреме со ова вложуваме и во идните академски граѓани кои низ проектите ќе може да работат на реални истражувања. Овој тип на воспоставување на екопростор помеѓу високообразовните институци и компаниите создава можност од една страна финансиските средства да не се одлеваат само на консултантски услуги и надвор од државата, а од друга бизнис секторот да ја зголеми финансиската поддршка во високото образование.

Сигурна сум дека ова кое го иницираме сега ќе успее да се развие во програма која системски ќе се гради и на крајот ќе видиме дека бизнис секторот и научните установи ќе воспостават континуирна соработка во заеднички интерес со цел државата да ни се развива,“ порача Царовска. Таа додаде и дека на овој начин ќе се зголеми учеството на БДП во научно истражувачки проекти кое сега е на ниско ниво.

“За првпат државата воведува инструмент со кој директно поттикнува соработка меѓу академската заедница и бизнис секторот во функција на економскиот развој. Она што е многу важно е дека директен корисник на финансиската поддршка се Универзитетите, додека компаниите добиваат услуга од академскиот кадар – професори, асистенти и студенти. Нашата цел е директно да вклучиме академската заедница во економскиот развој на државата,“ изјави директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Деспотовски нагласи дека со оваа се обезбедува поддршка од државата која до сега недостасуваше и поради која на глобално ниво Северна Македонија има ниски перформанси.

“Над 1.700 милијарди долари се вложувањата во Светот во истражување и развој. С.Македонија вложува само 40 милиони односно само 0,4% од БДП. Споредено со регионот, Словенија вложува 2,4% од БДП. Според Глобалниот иновациски индекс државата има одлични перформански според повеќе индикатори, но во овој дел досега заостанувавме значајно – 112 од 131 рангирани земји. Но, ние решивме со директна акција да се обидеме да го намалиме заостанувањето и да ја приклучиме С.Македонија во редот на земји што системски вложуваат во истражување и развој,“ нагласи Деспотовски.

Новина е дека повикот ќе биде отворен од први октомври, а веќе од истиот момент ќе може да се исплаќаат финансиски средства. Фондот за првпат воведува нов принцип на доделување на средства по принципот “прв дојден – прв услужен“, односно според редоследот на поднесувањето на комплетни апликации. Апликациите ќе се поднесуваат исклучиво по електронски пат а рокот за аплицирање ќе трае се додека не се доделат предвидените средства. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци. 

Иновациските ваучери ќе можат да се искористат за покривање до 80% (осумдесет проценти) од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари, без данок на додадена вредност (ДДВ). Останатиот дел од 20% е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите.

Средствата ќе можат да се користат за активности како: развој на нови и подобрување на постоечки производи, процеси или услуги; доказ на концепт, студија за изводливост, техничка спецификација, производство на лабораториски прототипови, изработка на демонстрациони прототипови, различни видови на испитувања, валидација на технологија, советодавни услуги во врска со иновациска дејност, развој и воведување на посебен софтвер за производ или процес, како и за специфични обуки во врска со развојот на технолошки решенија. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.09.2020 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега