Бугарскиот амбасадор повикан во македонското МНР.  Дипломатската нота која излезе во јавноста за патувањето на сопругата на премиерот Мицкоски и неговиот син во Пампорово, Бугарија отвори нова тензична епизода во односите меѓу Скопје и Софија. Министерот Муцунски побарал објаснување од бугарските власти како безбедносен документ со лични податоци и доверливи информации протекол во јавноста. Конкретниот случај го оцени како сериозен безбедносен пропуст и побара темелна истрага.

„Во текот на вчерашниот ден беше повикан амбасадорот на Бугарија во Министерството за надворешни работи, каде што го изразивме високиот степен на незадоволство и загриженост поради нарушувањето на односите меѓу двете држави преку еден ваков гест. Побаравме објаснување од страна на соседна Бугарија за тоа како е дојдено до ваква ситуација. Единственото што би можел да ви го кажам, а што е дипломатски коректно, е она што од наша страна е пренесено. Не би можел во овој момент да го споделам одговорот“, изјави министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.

Ваквата реакција доаѓа откако во бугарските медиуми е објавена дипломатската нота каде во детали е опишана рутата по која оделе сопругата и синот на премиерот, но и нивни лични податоци. Информации имало и за полициското обезбедување, но и какво оружје поседувале. Муцунски вели дека очекувал брза реакција од бугарските власти како онаа на нашите, кога експресно го осудија чинот за палење на автомобилите сопственост на бугарската амбасада и апсење на пироманот – но ја немало и затоа го повикале амбасадорот.

„Доколку би се случило такво нешто кај нас првиот чекор што би го направил е јас да се извинам на таа држава бидејќи очигледно немало доволно висок степен на безбедност во рамките на институцијата“, додаде Муцунски. 

За дипломатската нота премиерот вчера го извести и НАТО, но властите ги информирале и голем број претставници на ЕУ. 

И покрај новиот дипломатски инцидент, Муцунски цени дека дијалогот со Бугарија има засилена динамика земајќи го во предвид фактот дека изминатиот месец има повеќе средби – Муцунски со колешката, претседателката Сиљановска со Јотова, и вчера собранискиот спикер Гаши со бугарската колешка Доцова. 

„Очигледно е дека за прашањето поврзано со евроинтеграциите имаме различни ставови и различна интерпретација на тоа што се наши европски обврски и треба да се најде соодветен механизам за решавање на проблемот“, изјави Муцунски. 

Определено е име за нов амбасадор во Бугарија, доаѓа од редовите на македонското МНР, ама Муцунски вели дека се уште не смее да го соопшти неговото име.

Exit mobile version