Бугарија со одредени услови за да ги поддржи преговорите за членство во ЕУ на Македонија и Албанија

Бугарската влада ја усвои одлуката со која се поддржува Македонија да добие датум за преговори со ЕУ, но и ги постави црвените линии  за преговорите со Европската Унија кои се очекува да започнат од 2020.

Македонија треба да прифати дека не постои македонско малцинство во Бугарија, да го промени учебниот материјал по географија и историја и да се реши прашањето за Гоце Делчев и останатите револуционери од илинденскиот период во најкраток рок.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во интервју за бугарската агенција „Фокус“ вели дека „Северна Македонија мора да се воздржи од спроведување политика за поддршка и промовирање признавање на македонското малцинство во Бугарија. Во согласност со чл. 11 од Договорот за добрососедство, не постојат историски и демографски основи за барање статус на малцинство “.

„Исто така, треба да почне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунистички режим, репресирани поради бугарското самосознание. Треба да ги отстрани и натписите на споменици, плакети и на згради, кои шират отворена омраза кон Бугарија”, се вели во документот кој излезе во јавност.

Во однос на јазикот, се бара да се користи фразата „Официјален јазик на Република Северна Македонија“, а при неопходна потреба од користење на терминот „Македонски јазик“ во документи и позиции на Европската Унија со фуснота секогаш да се појаснува „Согласно уставот на Република Северна Македонија“. 

„Ниту еден документ/изјава во процесот на зачленување во ЕУ не може да се смета како признавање од бугарска страна на постоењето на таканаречениот „македонски јазик“ одвоен од бугарскиот“ пишува во документ, кој денеска го усвои бугарската влада. 

Бугарија позитивно се изјасни и за старт на преговорите на ЕУ со Албанија, бидејќи смета оти раздвојувањето на Скопје и на Тирана, како што предлага Германија, би било грешка и може да доведе до нестабилност во регионот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.10.2019 - 23:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега