Бугарскиот парламент одобри воведување привремена забрана за извоз и снабдување на нафтени производи во рамките на Европската Унија, вклучувајќи дизел и авионско гориво.

Одлуката беше усвоена со 135 гласа „за“, четири „против“ и 42 „воздржани“, објави „Новините“.

Според резолуцијата на парламентарниот Комитет за буџет и финансии, мерката е директно воведена по санкциите на САД врз руската компанија „Лукоил“. Целта е да се заштити енергетската безбедност и да се одржи стабилноста на домашниот пазар.

Пратениците изјавија дека мерката има за цел и да спречи евентуално зголемување на цените на горивата во земјата.

Забраната не го опфаќа полнењето гориво на домашни и странски бродови и авиони, ниту пак снабдувањето на вооружените сили на земјите-членки на ЕУ и НАТО.

Спроведувањето на мерката им е доверено на директорот на Царинската агенција и на извршниот директор на Националната агенција за приходи. Тие ќе имаат можност да издаваат посебни дозволи за извоз, но за тоа ќе мора да го известат Парламентот, пренесува Танјуг.

Парламентот, исто така, му наложи на раководителот на Државната агенција за резерви да ги провери количините на гориво во државните складишта до 7 ноември.

Exit mobile version