Бугарскиот претседател Румен Радев денеска официјално потврди дека земјата оди на нови предвремени парламентарни избори, откако и третиот обид за формирање влада заврши без успех. Мандатот му беше врачен на Хајри Садков од Алијанса за права и слободи (АПС), кој веднаш го врати на шефот на државата.

Радев истакна дека изборот на оваа пратеничка група не бил случаен, посочувајќи дека тие биле подложени на „брутален притисок“ и неприфатливи влијанија врз нивните членови.

„Го предавам мандатот на АПС како симбол на национално единство и против секој обид на себични политичари да поттикнат меѓуетнички тензии, за кои нема основа во Бугарија и кои им служат само на нивните теснопартиски интереси“, изјави Радев.

По враќањето на мандатот, лидерот на АПС, Хајри Садков, критички се осврна на актуелниот состав на Парламентот, нарекувајќи го „генетска модификација која не може да произведе ништо позитивно“.

Exit mobile version