Бугарија од ноќеска воведува строги мерки

Затворањето на училиштата, рестораните и трговските центри се мерки што стапуваат на сила ноќеска на полноќ во Бугарија која се соочува со експлозија на заразени и голема стапка на смртност, објави новинската агенција БТА.

Сите образовни институции се селат на онлајн учење. Баровите и рестораните се затвораат и ќе можат да подготвуваат јадења само за достава.

Трговските центри ќе бидат затворени, а ќе работат само супермаркетите, самопослугите, банките и продавниците за миленичиња.

Сите спортски активности се забранети за помлади од 18 години, а спортските натпревари за возрасни ќе се одржуваат без публика.

Ќе се затворат и културните институции, покрај театрите што можат да работат со 30 проценти капацитет, пишува БТА.

Лицата постари од 65 години ќе можат да купуваат во супермаркетите од 08:30 до 10:30 часот наутро.

Бугарската влада досега не сакала да воведе ограничувања за контрола на коронавирусот, но во средата одлучи да воведе построги мерки бидејќи болниците се преоптоварени со експлозија на заразени луѓе.

Мерките треба да го потиснат вториот бран на пандемијата и да бидат на сила од сабота до 21 декември, најави министерот за здравство Костадин Ангелов.

Целта е да се преполови бројот на заразени, објави кризниот штаб, а пренесува агенцијата Франс Прес.

Во последните седум дена, властите потврдиле нови 813 смртни случаи поврзани со ковид-19, што ја прави Бугарија една од земјите најпогодени од пандемијата според бројот на жители, со стапка на смртност од 11,7 на 100,000 неделно.

Бугарија беше меѓу првите што наметна затворање во март, но најсиромашната земја на ЕУ беше потресена од бран антивладини протести ова лето, па премиерот Бојко Борисов ги намали мерките на едноставно носење маска.

Земјата се соочува со недостиг на медицински персонал, бидејќи медицинскиот персонал старее, па студентите по медицина и војската доаѓаат на помош.

Премиерот Борисов вети помош за компаниите вредни 400 милиони лева (200 милиони евра) во текот на следните три недели и ги повика Бугарите да покажат солидарност и со тоа да им помогнат на медицинските лица.

И покрај ова, 300 луѓе протестираа пред седиштето на владата во средата наутро извикувајќи „Убијци“ и „Оставка“, а некои се судрија со полицијата.

До денес, потврдени се 3.226 смртни случаи поврзани со пандемија во земја со 7 милиони жители.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.11.2020 - 23:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа