Бугарија до земјите од ЕУ: Македонците се проект на Тито, јазикот е дијалект на бугарскиот

Објаснувачкиот меморандум на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите со ЕУ се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Меморандумот до кој дојде МИА се осврнува долго на историјата, Тито, Коминтерната и обвинува за „етнички и јазичен инженеринг“ во Македонија.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“. Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“.

Според Бугарија ова „наследство“ е причина за „етничкиот инженеринг“ во  Македонија.

По неколку пасуси посветени на историските прашања од Втора светска војна и Југославија, Софија оценува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. Бугарија смета дека работата на заедничката експертска комисија за историја е блокирана поради тоа што македонската страна одбивала да се договори за концептот на „заедничка историја“, наместо тоа се користела со термини како „споделена“. Поради ова, смета Софија, довербата е поткопана помеѓу двете страни.

Што се однесува до јазикот, Софија го користи македонскиот јазик под наводници и смета дека до втори август 1944 не постоел ниту македонски јазик, ниту македонски етнички идентитет, и дека тие се создадени со цел да се поделат и одвојат народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија ја доведува во прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот.

Бугарија оценува дека употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обединетите Нации од 1977 кога е признат македонскиот јазик. Па така, сега Софија бара во ЕУ документите да стои !„официјалниот јазик на Република Северна Македонија или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“.

Софија исто така ги информира своите ЕУ партнери дека Македонија нема основ да бара права за ниедно население во Бугарија, како што се договорија двете страни, но обвинува дека македонските власти не ја смениле политиката кон лица и организации кои бараат признавање на македонско малцинство во Бугарија, со што го прекршиле членот единаесет од спогодбата.

Од институциите на ЕУ нема реакција за сега на овој бугарски документ.

Дипломатски извори за МИА велат дека е нормално на почетокот на дискусиите во ЕУ секоја страна на да ги образложи своите позиции, и дека е вообичаено да бидат максималистички, но останува надеж дека ќе може да се најде заеднички прифатливо решение со Софија за да започнат преговорите за членство во Македонија пред крајот на оваа година.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.09.2020 - 15:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега