Буџетот за 2014 година изнесува 2,9 милијарди евра

Владата го утврди Предлог-буџетот за 2014 година и подготви ребаланс на буџетската каса за оваа година. Предлог -буџетот и ребалансот денеска ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија.

СПоред министерот за финансии Зоран Ставрески, се работи за мини ребаланс со кој се опфатени две позиции: Се додаваат средства на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување во износ од 1,34 милијарди денари заради повисоките расходи во однос на индексацијата и дополнителни средства се префрлаат и во Министерството за образование и наука во износ од 430 милини денари потребни за опремување на лабораториите. Останатите позиции, информираше министерот, остануваат исти.

Ставрески информираше дека буџетот за наредната година ќе изнесува 176,5 милијарди денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Буџетот за 2014 година е за седум проценти повисок од годинашниот.

Во Буџетот се испланирани и средства за пораст на платите за администрацијата, за пензиите, социјалните надоместоци, субвенциите во земјоделството. Ставрески најави дека за 20 проценти ќе бидат зголемени капиталните инвестиции кои ќе се насочат во патна и железничка инфраструктура, образование, здравство, енергетска и комунална инфраструктура, ТИРЗ, истакнувајќи дека овие зголемувања ќе овозможат раст на економијата. 

Проекцијата за растот на БДП за следната година е 3,2 проценти, а инфлацијата 3,3 проценти. Се очекува постепено да се зголемува растот на БДП, но, овие промени ќе зависат од состојбите во Европа. Според усвоената фискална стратегија,  се предвидува во 2015 растот на БДП да биде 3,8, а во 2016 - 4,5 проценти.

Ставрески објасни дека државниот долг во наредниот период ќе остане на умерено ниво и до 2016 нема да надмине 37,6 проценти од БДП што, според Ставрески, повторно Македонија ќе ја направи една од петте најмалку задолжени држави во Европа.

20.09.2013 - 14:00

најчитано сега